Гринпис: Отровни хемикалии во производите за СП
19 мај 2014Дел од материите предизвикуваат проблеми во хормоналниот систем, и‘ наштетуваат на плодноста и можат да предизвикаат тумори, предупреди денеска (19.05) еколошката организација Гринпис. Притоа, нема непосредна опасност за оние што ги носат производите. Во опасност се жителите на земјите каде тие производи се продуцираат.
Според наводи на Гринпис, од страна на независни лаборатории била направена анализа на 21 пар копачки, седум фудбалски маички, четири пара голмански ракаквици и на фудбалската топка за Светското првенство во Бразил „Бразука“. Од нив, 16 производи биле од марката Адидас, 15 од Најк и два од Пума. Сите производи се наменети за пазарот пред претстојното СП во Бразил, а 20 од нив се наменети за деца.
Лабораториските анализи, според Гринпис, докажале присуство на перфлуоројаглероди (ПФЦ), фталати, нонилфенолетоксилати (НПЕ) и други штетни материи. Нив особено многу ги има во копачките и ракавиците на Адидас. Според Гринпис, носењето облека или чевли не претставува непосредна опасност по здравјето, но хемикалиите од производствениот процес и од фабриките завршуваат во животната средина и со тоа - во процесот на производство на храна во земјите производители на спортските артикли. Најголемиот дел од производите биле продуцирани во Кина и Индонезија.
Гринпис упати особен повик до Адидас да дејствува. Концернот очекува добар бизнис со производите за СП и рекорден обрт од две милијарди евра, но на навивачите не им кажува дека производството ја труе водата во земјите производители, критикува експертот на Гринпис, Манфред Зантен.
Адидас на барање на агенцијата Франс прес одговори дека вредностите кои ги објавил Гринпис се во согласност со законските прописи и дозволените граници. Исто така, од Адидас се нагласува и оти анализата на Гринпис покажала дека нема „намерна употреба“ на супстанци. Адидас „интензивно“ работи на „елиминација и редуцирање“ на опасните хемикалии во „рамки на нашето поле на влијание“, се вели во реакцијата на концернот.
И Пума соопшти дека копачките, критикувани поради присуство на НПЕ-супстанци, ги „исполнуваат сите законски прописи за НПЕ“. Пума, како што се тврди, работи на стандарди и процеси со цел да се обезбеди производство без НПЕ и без фталати. Од страна на Најк Германија засега нема реакција на наводите од Гринпис.