САД - голема социјална нееднаквост
7 јуни 2015Пол Тјудор Џонс е популарен менаџер на Хеџ-фонд во САД. Ретко дава интервјуа, но пред извесно време учествуваше на една конференција за иновации во Калифорнија и притоа го спореди американското општество со зависник од дрога: „Првиот чекор е да се согледа дека имаш некој проблем“. Манијата за постигнување добивка во меѓувреме стана толку самопосебе разбирлива, што општеството веќе воопшто и не забележува како се разорува самото себе си, рече Џонс.
„Револуција, повисоки даноци или војна“
Растечката нееднаквост кај примањата предизвикува загриженост кај Џонс. Во САД 20 проценти од вкупните приходи одат кај еден процент од населението. Тоа е двојно повисок сооднос отколку на крајот на 70-те години на минатиот век. „Разликата меѓу најбогатите и најсиромашните ќе биде надмината или со револуција, со повисоки даноци или пак со војна“, смета Џонс.
Неговите зборови заслужуваат дотолку повеќе внимание, оти до имот од 4,6 милијарди долари тој дојде благодарение на слободното пазарно стопанство. Во изминатите години тој се покажа како алтруист со донации и основање фондации од општ интерес.
„Револуција“ - токму од устата на еден супер-богат човек, е многу цитиран збор во американските медиуми. Во изминатите години навистина во САД имаше зачестени појави на граѓански движења и протести. Започна во 2011 година со „Окупирајте го Вол стрит“, па уследија студентите кои веќе не сакаат да се презадолжуваат за да си го финансираат школувањето. Работниците во областа на услужните дејности барат повисока минимална плата. А и побуната против полициското насилство и расизам е најсилна токму во комуните со пониски приходи.
Повеќедецениска економска запоставеност
„Безредијата на многумина им се чинеа како политички бессмислени и бесцелни“, вели Дејвид Хојсен, професор по американска историја на универзитетот Јејл во Њу Хевн. Но, тоа е сосем погрешно - тие често се резултат и реакција на повеќедецениската економска запоставеност, отсуството на инвестиции и дискриминацијата, смета Хојсен.
„Востанијата се јазик на неслушнатите“ - оваа реченица потекнува од Мартин Лутер Кинг. Во историјата често пати безредија и протести беа почеток на некоја револуција или на создавање нов поредок. Професот Хојсен потсетува дека работничките движења од крајот на 19. и почетокот на 20. век имаа сличен почеток. Тој е автор на книга за работничките револуции во САД од тоа време, со посебен поглед врз Њујорк. Се заборава дека насилството беше елементарно средство на работничките движења. А и тогаш беа во прашање нееднаквоста во приходите и лошите работни услови и платите на фабричките работници.
Разни групи - исти интереси
Историчарот Хојсен не верува дека во САД повторно претстои револуција и поради тоа, што пред сто години во нормалното секојдневие насилството беше повисоко вреднувано отколку денес. „На активистите за минимална плата, работниците од Волмарт, студентите што мачат мака со кредити и на кампањите ’Важни се и црните животи‘ ќе им е потребно уште доста време додека да сфатат дека всушност сите тие имаат исти интереси - како противници на еден систем кој ги угнетува и дискриминира“, вели Дејвид Хојсен.
Милијардерот Џонс агитира за обврзување на претпријатијата да се ангажираат за општо добро. Една непрофитна организација, што ја основа тој, треба со анкети да открие како би можел да изгледа тој ангажман. Џонс истовремено е традиционален финансиски поддржувач на Републиканците, кои се против зголемувањето на минималната плата. И такви работи веќе имало, вели професорот Хојсен: „Тоа е таканаречениот филантро-капитализам“.
Идејата е дека богатите луѓе или богатите претприемачи и нивните фирми треба да добијат овластување да решаваат како да бидат прераспределени парите. Со нивните донации треба да бидат превенирани политички движења, кои инаку би можеле да станат хаотични и незауздани. „Ако малку се обмисли, тоа е фундаментално недемократска варијанта за постапување против нееднаквоста во приходите“, укажува Хојсен. Особено не, ако во ист здив донаторите се против повисоки плати.
Решение не се филантропија и добродетелство
Финансирање на работи од јавен интерес со приватни средства традиционално игра далеку поголема улога во САД отколку во Европа, посебно во подршката за културата и образованието. „Благодарение на овој период на широкоградост се’ до денес имаме неколку величествени културни институции: концертната сала Карнеги хол, универзитетот во Чикаго, универзитетот Стенфорд во Калифонија“, вели Хојсен. Сите тие се установи основани и платени со пари на индустријалци. Но, и покрај тоа, за тоа време богатите станаа уште побогати. Ако намалувањето на нееднаквоста во приходите треба да е цел, тогаш со филантропија и добродетелство нема да стигнеме далеку, заклучува професорот.
Значи, можеби останува само третата од несаканите можности, според милијардерот Џонс, за намалување на јазот меѓу богатите и сиромашните: повисоки даноци. Данок за богатите има многумина приврзаници меѓу економистите, но не и меѓу лобистите во Вашингтон. „Имаше ѓаволски натегања меѓи Републиканците и Демократите кога стануваше збор за кревање на највисоката даночна стапка за богатите од 36 на 39 проценти. Во 60-тите години на минатиот век врвната стапка изнесуваше речиси 90 проценти. Во релација со тоа, денешната аргументација едноставно е апсурдна“, вели Дејвид Хојсен.