Голема реконструкција на грчката влада
10 јуни 2014Во Атина долго се шпекулираше дека во Министерството за финансии ќе има нов шеф. За многумина Грци со тоа првенствено се поврзува олабавување на политиката на штедење. Но инвеститорите на Грција се загрижени.
Дали премиерот Самарас навистина ќе го промени својот економски курс, во моментов не се знае. Сменетиот министер Јанис Стурнарас важи како кандидат со најголеми шанси за шефовската фотелја во грчката Централна банка, која ќе биде пополнета во текот на наредните денови. Од новата позиција зборот на Стурнарас ќе има голема тежина при донесувањето на финансиско-политичките одлуки во иднина.
Неговиот наследник во Министерството за финансии, Гикас Хардувелис, професор по економија на универзитетот во Пиреј, важи за познавач на пазарот кој има добри врски и ужива симпатии и кај конзервативците и кај социјалистите. Тој, меѓу другото, му беше економси советник на поранешниот премиер Костас Симитис и работеше како главен аналитичар во третата по големина банка во Грција - Еуробанк. Хардувелис, кој има докторирано во САД, се залага за ниски даноци и со тоа сака да стави нови акценти во финансиската политика, оценува Јорданис Хасапопулос, политички аналитичар во телевизијата Канал Мега.
Одмерување на мускулите
Како ниту еден министер за финансии пред него, Стурнарас ги спроведуваше барањата од меѓународната Тројка (ЕУ, ЕЦБ, ММФ) и работеше на консолидирање на грчките државни финансии. Неговата остра политика на штедење му донесе противници и во сопствените редови. На крајот на мај „пукна“ - Стурнарас рече дека не мора да остане по секоја цена на функцијата и дека нема да дозволи да биде прогласен за виновник за поразот на европските избори. Дури и самата шпекулација дека може да биде сменет, според грчките медиуми, предизвикала загриженост кај ЕУ-партнерите.
Според мислењето на економскиот аналитичар Андонис Папајанидис, новиот министер за финансии е подготвен да продолжи со реформската политика на Стурнарас, но со една важна разлика - Тројката веднаш треба да биде подготвена на критички прашања од страна на Атина: „Гикас Хардувелис, како главен аналитичар на Еуробанк, јасно ги критикуваше неуспесите и погрешните прогнози на Тројката. Тој не отфрла програма за штедење, дури и се залага за тоа, но сака и да укаже на идеолошките халуцинации на Тројката, кои повеќе нанесуваат штета отколку што носат полза“, нагласува Папајанидис.
Нов почеток за владата на Самарас?
Во Грција две години на власт е коалицијата од конзервативците и социјалистите, која располага само со тесно мнозинство во парламентот и треба да спроведува болни реформи. Откако левичарската опозиција победи на европските избори со речиси 4 проценти предност пред конзервативците, премиерот Сарамас сега прави една од најголемите реконструкции на влада во последните децении, односно смени половина дузина министри.
Нов почеток на полувремето од мандатот? Новата влада, всушност, има две лица, објаснува политичкиот аналитичар Димитрис Циодрас за телевизијата Скај. Од една страна, Министерството за финансии се залага за континуитет и подготвеност за реформи. Од друга страна, кај другите министерства се внимава да се одржи рамнотежата на силите, вели Циодрас и додава: „Ова не е реформска влада која фронтално се соочува со предизвиците и се осмелува на конфликти. Оваа влада повеќе бара рамнотежа.“
Меѓу отпуштените министри се вбројуваат министерот за здравство Адонис Гергијадис, кој влезе во конфликт со лоби-групите и неговиот, исто така реформски ориентиран, колега од ресорот економија, Костис Хаѕидакис. Затоа пак, камбек во коалицијата има социјалистот Андреас Ловердос, кој својата партија привремено ја напушти поради политиката на штедење. Како изненадување важи и новиот министер за внатрешни работи, конзервативниот публицист Аргирис Динопулос.