Голема офанзива во упориштето на Исламска држава - Фалуџа
30 мај 2016Ирачката армија најверојатно навлегла во Фалуџа. Според ирачки воени извори, елитни војници навлегле од три страни во градот кој е под контрола на „Исламска држава“. Тие, како што се додава, имаат и поддршка од воздух, односно нивната офанзива е придружувана со воздушни напади од страна на меѓународната воена коалиција.
Големиот напад на Фалуџа почнал рано изутринава, наведе портпарол на ирачките антитерористички елитни единици. Според одговорниот командант Абделвахаб ал-Саади, ИД пружа отпор. Фалуџа е комплетно опколена од страна на армијата. Воената офанзива е предмет на расправа, поради тоа што во нејзе се вклучени и силни шиитски милиции. Во Фалуџа и соседната провинција Ал Анбар, живеат претежно сунити.
Екстремистичката милиција Исламска држава го зазеде градот во јануари 2014 година. Според ОН, таа не им дозволува на околу 50.000 жители на градот за излезат од него. Оние кои успеале да избегаат тврдат дека во градот веќе има луѓе кои умреле од глад, наведуваат ОН. Фалуџа по влегувањето на американските сили во Ирак, пролетта 2003 година, беше едно од упориштата на сунитските бунтовници, во коешто со месеци се водеа тешки борби. На крајот, на американските сили, со помош на регионалните племенски милиции, им успеа да го стават градот и соседната провинција Анбар под контрола. Според податоци на независната интернет страница icasualties.org една третина од загинатите американски војници во Ирак биле убиени во Анбар. По повлекувањето на американските трупи на крајот на 2012 година, исламистичките бунтовници во Анбар повторно зајакнаа.