Германски политичари заговараат банкрот на Грција
12 септември 2011Германскиот министер за економија Филип Реслер прв од членовите на германската влада отворено проговори за опцијата-банкрот на високозадолжената Грција. Претседателот на Партијата на либералите за весникот „Ди велт“ изјави дека е можен контролиран банкрот, ако за него постојат на располагање соодветни инструменти. Според медиумите, во германското министерство за стопанство веќе курсираат планови за случај на прогласување грчка несолвентност. Шефот на пратеничката група на партиите на Унијата, Фолкер Каудер, отфрли исклучување на Грција од еврозоната.
Брисел ги пофали грчките мерки и најави враќање на стручњаците
Европската комисија најави дека нејзините експерти ќе се вратат во Грција со цел до крајот на септември да се постигне договор за исплата на нова рата од кредитот, откако Атина ги објави новите мерки за штедење.
„Стручњаците на ЕК во наредните денови ќе се вратат во Атина со цел на грчките власти да им пружат стручна помош во работата која е во тек“, стои во соопштението на комесарот за економски прашања Оли Рен. Ова враќање ќе биде вовед во враќањето на целата екипа на грчките доверители, таканаречената тројка (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд), која на почетокот на септември ја напушти земјата поради недоволниот напредок на грчката влада во исполнувањето на обврските за намалување на дефицитот.
Оваа информација доаѓа веднаш откако грчката влада во неделата најави нови мерки за намалување на јавниот дефицит, меѓу кои е и посебниот данок на недвижнини.
Автор: ЖА/ БГ/ дв
Редактор: Александра Трајковска