Германски активисти ги делеле летоците во Идомени?
16 март 2016Магазинот Шпигел пишува дека летоците со опис на македонско-грчката граница и начинот како таа да се помине биле дело на германски активисти и волонтери кои помагаат во кампот Идомени. Повикувајќи се на извори во полицијата и во хуманитарните организации во Идомени, Шпигел пишува дека во прилог на тезата за вмешаноста на германските активисти говори и потписот „Командант Норберт Блум“ на летокот.
Норберт Блум е 80-годишен поранешен министер за труд и германски политичар од редовите на ЦДУ, кој минатиот викенд го посети кампот во Идомени и мина една ноќ со бегалците. Таму тој остро ги критикуваше условите во кампот и повика на солидарност.
Самиот Блум кој пензионерските денови ги минува во својата вила во Бон, вели дека нема ништо со случајот, иако има разбирање за состојбата во која се наоѓаат бегалците. „Но јас никогаш не би ги охрабрил на такво нешто“, вели Блум.
Темата го предизвика интересот на речиси сите медиуми во Германија.
„Има многу осомничени. Сака ли Македонија да му покаже на остатокот на светот како ја штити Европа од хордите илегални напаѓачи?“ прашува Лајпцигер фолксцајтунг. „Има ли во Грција луѓе кои преку сликите на ескалацијата сакаат да покажат дека нивната земја е преоптоварена и оставена сама на себе?
Под сомнеж се и германските хуманитарци кои се на страната на бегалците. Дали некои од нив побараа начин повторно да ја донесат бедата од Идомени на насловните страници на светскиот печат? Во тој случај, тие повеќе не го заслужуваат името хуманитарци“, пишува весникот.
Таблоидот Билд повикувајќи се на извори во кабинетот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов јавува дека и во Скопје постои сомнеж оти акцијата била организирана од германски активисти. Сомнежот се проверува, вели советник за безбедност од кабинетот на Иванов.
Истиот весник текстот го објавува под драматичен наслов „Мала дипломатска војна за бегалците од Идомени“, меѓу Македонија и Грција.
Ремилитаризација на границите
На истата тема, Франкфуртер алгемајне цајтунг објавува изјава од советникот на македонскиот претседател Ивица Боцевски. „Тоа беше организирана акција. Очигледно постојат организации и трговци со луѓе кои се обидуваат да извлечат профит од актуелната состојба во Идомени“, вели Боцевски. Тој потврдува дека македонските безбедносни органи ги вратиле бегалците на грчка територија и тврди дека против нив не била употребена сила.
Изјавите на бегалците и на очевидци од теренот, сепак го говорат спротивното. Повеќе светски новински агенции и германски медиуми пренесуваат изјави на бегалците во кои тие тврдат дека биле тепани и малтретирани од припадници на македонската армија.
Приказната за кризата во Идомени ФАЦ ја заокружува со анализа за засилената „милитаризација на границите во Европа“.
„Иранци кои во знак на протест си ги зашиваа усните, Пакистанци кои бараа да го продолжат патувањето со транспаренти на англиски јазик, авганистански мајки кои нивните мали деца ги туркаат во првите редови до граничната ограда- Европа веќе се навикна на овие драстични, понекогаш срцепарателни сцени. Но честопати не се мигрантите тие кои стојат зад ваквите акции, туку самонаречените бегалски активисти, чиј лајтмотив гласи: границите се лоши и треба да се урнат“, пишува ФАЦ.
Обидот на стотиците мигранти илегално да ја минат македонската граница и да навлезат на македонска територија, е еден таков пример за влијанието на тие активисти, дополнува весникот. Неуспехот на мигрантите да останат во Македонија се должи на акцијата на македонската армија, пишува натаму ФАЦ.
„Користењето на армијата е феномен кој се забележува во сѐ повеќе земји од Југоисточна Европа. Додека во многу земји од ЈИЕ се планираат и подигаат гранични огради, ремилитаризацијата на границите е вториот чекор“.
(...)„Бугарија и Македонија не се осамени во тој поглед. И пратениците во словенечкиот парламент одобрија ангажман на армијата на границата кон Хрватска“.
(...)„Хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ исто така најавува дека доколку е неопходно ќе ја испрати армијата на границата.
Оградите беа првиот чекор, а користењето на армијата за заштита на овие огради, вториот. Што ќе биде третиот чекор?“ се прашува ФАЦ.