Германска економска офанзива во Грција
30 август 2011Веќе подолго време германскиот министер за економија и шеф на владејачките либерали, Филип Реслер меѓу германските бизнисмени собира поддршка за својата „Инвестициска и економска офанзива на Грција“. Дека таквата офанзива е потребна покажуваат и најновите податоци за оваа земја, според кои грчкото стопанство годинава ќе падне за 5 проценти, стапката на невработеност ќе порасне на 17 отсто, а државните приходи, и покрај повеќекратното зголемување на даноците, и натаму ќе се намалуваат. Едно е сигурно: мерките за штедење нема да бидат доволни за Грција да се врати на цврсти економски нозе.
Енергетиката, туризмот и транспортот најценети
Штефан Капферер, државен советник во германското министерство за економија минатата недела ја посети Атине. Тој решението го гледа во зајакнатата експертска помош од Германија и тоа пред се‘ во заедничката работа на германската Банка за развојна помош и грчкото министерство за економија. Целта на оваа соработка би било основање на грчка државна банка за поттикнување на економијата. Германија, според Капферер, би можела да помогне со стручни совети на многу полиња, од картелското право па се‘ до експертското образование.
„Постојат многу основи за соработка кои не се ограничени само на политичко ниво“, вели Капферер. Но, на разочарување на домаќините, гостите од Германија јасно ставија до знаење дека помошта не вклучува и евентуална директна поддршка за грчките фирми од германската Банка за развој. И покрај тоа, според Капферер, странскиот капитал во голем обем може да дојде во Грција.
Германските компании во моментов најмногу се интересираат за подрачјето на енергетиката, како и за транспортот и туризмот. Се разговара и за основање на економски зони со даночни привилегии. Деталите ќе ги објасни министерот Реслер при посетата на Атина во ноември.
Бирократијата ги кочи инвестициите
Германија бара од Грција да ја интензивира и приватизацијата на своето стопанство.
„Во рамките на вториот пакет помош за Грција се наоѓа и долг попис на приватизациските проекти. По тој пат Грција може да привлече околу 50 милијарди евра нови странски инвестиции и секако дека германските вложувачи детално го следат овој процес“, вели Капферер.
Владата на социјалистот Јоргос Папандреу уште на почетокот на годинава го претстави приватизацискиот план за државните претпријатија, но досега тој не даде резултати. Тоа ги наведе ЕУ и ММФ да го условат следниот пакет-помош со брз напредок во приватизацијата. Но, странските инвеститори се жалат и на големата бирократија во Грција, како и на непрегледните и нејасни грчки стопански односи.
На решавањето на тие проблеми, како што им објаснија грчките домаќини на гостите од Германија, интензивно се работи.
Автор: Јанис Пападимитриу/Борис Георгиевски
Редактор: Трајче Тосев