Германија му вети помош на Израел
29 август 2006Израелската министерка за надворешни работи, Ципи Ливни, бара ослободување на двајцата израелски војници од страна на Хезболах, како клуч за мирно решение на конфликтот со Либан.
“Целата оваа работа за нас има мало значење доколку не се реши проблемот со киднапираните војници, зашто во тоа ние гледаме повреда на нашата сувереност.“
Таа подвлече дека е важно спроведување на резолуцијата 1701 на ОН, која предвидува разоружување и распуштање на милициите во Јужен Либан, вклучувајќи го тука и Хезболах. Доколку не се спречи повторно вооружување на Хезболах од страна на Иран и Сирија, смета Ливни, за кусо време ќе настане повторно таква ситуација каква што доведе до најновата криза во регионот.
Германската канцеларка, Ангела Меркел, и даде уверување на израелската министерка дека Германија ќе даде поддршка во барањето мирно решение на проблемот: “Германија сака да даде придонес за во регионот повторно да завладее траен мир. Тоа сакаме да го направиме со конкретна помош, но ќе влијаеме и врз тоа повторно да почне политички процес.“
Германската влада, најверојатно наредната недела ќе донесе решение за учеството во мисијата на Блискиот исток. Потоа за решението согласност ќе треба да даде и Бундестагот.
Шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајнмаер, кој исто така имаше средба со израелската колешка, изрази надеж дека меѓународната заедница уште неделава ќе постигне согласност околу мандатот и составот на силите за Либан. Тој ја информираше гостинката и за една дополнителна желба на Либан: “Либанската влада прашува дали меѓународната заедница и Германија се подготвени да стават на располагање техничка помош, на пример за обезбедување на пристаништа, аеродроми и погранични пунктови.“
Шефот на израелската дипломатија, Ципи Ливни , од меѓународната заедница не очекува разоружување на Хезболах, зашто тоа е задача на либанските војници, но очекува целосно спроведување на резолуцијата на ОН.