Германија и Израел-исклучително партнерство
19 јануари 2010Ангела Меркел се заложи за придвижување на блискоисточниот мировен процес, но со Бенјами Нетанјаху ја подвлекоа решавачката улога на САД во него. „Германија има елементарен интерес за придвижување на мировниот, а пред се‘ на преговарачкиот процес на Блискиот Исток. Согласни сме дека постојат претпоставки и дека треба да се користи поволниот временски момент, изјави Меркел, соопштувајќи дека во февруари во Германија ќе допатува претседателот на Палестинците, Махмуд Абас.
Таа од Израел побара да направи повеќе заради запирање на градењето населби на окупираните територии, германската влада на овој план очекува поголем ангажман од израелската влада. Нам ни треба Америка, истакнаа меѓутоа Меркел и Нетанјаху, подвлекувајќи ја улогата на САД во блискоисточниот мировен процес.
Нетанјаху бара санкции против Иран
Израелскиот премиер се заложи за строги санкции против Иран, доколку тие не бидат воведени сега, тогаш кога, праша Нетанјаху. Меркел му префрли недоволна соработка на Техеран и се закани со воведување санкции. Постојано му доставуваме нови понуди на Иран за разумна и транспарентна соработка, но за жал тие досега не се прифатени, со што се‘ поочигледна е нужноста од преземање мерки.
Доколку ставот на Иран не се промени, Меркел најави соработка на Германија во воведување сеопфатни санкции. Желбата е меѓутоа тие да бидат донесени во рамките на Советот за безбедност на ОН.
Германската канцеларка Ангела Меркел ги пофали добрите односи меѓу Германија и Израел. Среќа е што денес можеме толку тесно да соработуваме со една израелска влада, изјави Меркел.
Германија и Израел со заедничката седница на владите на двете земји во Берлин испраќаат уште еден сигнал на помирување. На почетокот на владините консултации се сретнаа канцеларката Ангела Меркел и премиерот Бенјамин Нетанјаху, а потоа ним им се приклучија повеќе министри од двете земји. Ова е прва средба од ваков вид во Германија по почетокот на владините консултации во март 2008 година во Ерусалим.
Автор: ЖА/СН/дпа/афп/дв
Редактор: Александра Трајковска