Германија го одбележува отпорот против Хитлер
20 јули 2014Еден момент во целосен мир, пред сојузниот претседател Јоахим Гаук да положи венец на почесните гробишта во Бендлерблок (компелекс згради во центарот на Берлин, каде е сместено и германското Министерство за одбрана). Тоа е местото каде пред 70 години паднаа истрелите, и беа убиени полковникот Клаус Шенк Граф фон Штауфенберг и уште тројца поддржувачи. Залудно тие се обидоа на 20. јули 1944 година заедно со другите борци од отпорот за извршат атентат врз Адолф Хитлер и да го соборат националсоцијалистичкиот режим.
Церемонијата заврши со изведба на националната химна од страна на оркестарот на војската, со што претставниците на германската влада и на парламентот, како и војници и роднини на членовите на отпорот против Хитлер и националсоцијалзмот, им оддадоа почит на жртвите.
Пред 70 години Хитлер го преживеа лесно повреден бомбашкиот напад во седиштето „Wolfsschanze“ (Волчји ров) во денешна Полска. Планираниот преврат, кој се водеше под името „Operation Walküre“ (Операција Валкири), беше неуспешен. Покрај Штауфенберг во наредниот период беа застрелани или убиени во концентрациони логори уште околу 200 други лица од отпорот.
„Морално и политичко наследство“
20 јули и сите други обиди на отпор против Хитлер и режимот на националсоцијалистите имаат морално и политичко значење, нагласи Гаук во својот говор. Денот не‘ потсетува храбро да стоиме зад нашите вредности и да не бидеме со-виновници, кога на другите им се нанесува неправда. „Имаме избор меѓу делување и неангажираност, меѓу зборување и молчење“.
На денешен ден не му се оддава признание само на воениот отпор против Хитлер: „На Штауфенберг, Треско и нивните соборци денеска им оддаваме почит и тие се застапници на претставниците за сите други, кои давале отпор и кои страдале од последиците од отпорот“, рече Гаук.
Попладнево германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен, претседателот на Буднесратот, Штефан Вајл и претставници од Фондацијата 20. јули 1944 исто така ќе положат венци пред спомениекот во Плецензее во северниот дел на Берлин. Таму меѓу 1933 и 1945 година биле убиени повеќе од 2.800 борци на отпорот против Хитлер.
Вечерва повторно во Бендлерблок околу 430 регрути на свечена церемонија ќе положат заклетва. Покрај министерката за одбрана, Фон дер Лајен, говор ќе одржи и генерал мајорот во пензија, Бертолд Шенк Граф фон Штауфенберг, синот на Клаус Шенк Граф фон Штауфенберг.