Георги Близнашки е нов бугарски премиер
5 август 2014Професорот по право и поранешен пратеник од редовите на Социјалистичката партија, Георги Близнашки ќе раководи со техничката влада, до одржувањето на вонредните парламентарни избори во Бугарија.
Именувањето на 57-годишниот Близнашки го потврди бугарскиот претседател Росен Плевнелиев во телевизиско обраќање претпладнево. Министер за финансии ќе биде поранешниот висок државен службеник Румен Порожанов.
Формирањето на преодната влада беше најавено по оставката на владата предводена од социјалистoт Пламен Орешарски на крајот на јули.
Близнашки ќе се соочи со бројни проблеми во кусиот мандат. Минатата година, Бугарија имаше многу низок економски раст, дипломатски судир поради изградбата на гасоводот Јужен тек, протести на улиците против корупцијата во земјата, како и голема банкарска криза.
Најжешка е темата за Корпоративната комерцијална банка, четвртата најголема во земјата, која е затворена од јуни годинава, кога почна истрага за нејзиното работење. Обидите на владата во заминување да ја спаси банката од банкрот беа одбиени од парламентот.