Генерација на „големи бебиња“ во Италија
20 април 2011Mинатата година во Рим протестираа студентите против намалувањето на буџетот за образование и поради големата стапка на невработеност меѓу младите во Европа. Секој петти Италијанец под 34 години, нема работа: „Ние живееме во Италија, во која постарите генерации во последните 20-30 години сите шанси ги приграбија за себе, не размислувајќи за идните генерации,” огорчено зборува Марио Адинолфи, издавач и уредник на неделникот за правата на младите. Со цел подобро да се разбере ситуацијата, Марио потсетува кои се главните политички личности во Италија – 75 годишниот Силвио Берлускони, само пет години помладиот Умберто Боси и Џанфранко Фини, кој е во политиката 40 години. Тој истакнува дека 68% од Италијанците под 40 години живеат со родителите: „Кога ќе им кажете на луѓето дека родителите им ја крадат иднината, тие остро ви одговораат: ’Но, тие ме издржуваат, јас живеам благодарејќи на нив!’ Тие не разбираат дека на тој начин родителите контролираат се´“, вели Марио Адинолфи.
Чувствителна тема, актуелизирана по необичен судски случај
33-годишната Марина Казагранда го тужеше нејзиниот татко, барајќи да ја издржува. Најинтересно е тоа што таа го доби случајот! Медиумите, меѓутоа, ја растргнаа: „Италијанските медиуми ме опишаа како некој кој останува дома, се излежува по цел ден и навечер се забавува. А јас всушност работам по цел ден.“ Казагранда предпладне работи во бутик, а попладне работи во едно мало шивачко студио. Неколку пати во неделата држи часови по танцување. Сепак заработува помалку од 1000 долари месечно. Тој факт италијанските новинари го пренебрегнале, како и вистинската причина поради која го тужела таткото. Казагранда од татко и´ ја барала преостаната алиментација, што со години не и´ја плаќал на нејзината самохрана мајка. „Смешно. Требаше да ме посетат мене или некој сличен на мене и да видат како живееме. Ние не сме мрзливи. Тие целата дискусија на национално ниво ја монтирале до потполна лага. Од насловите ги бришеа работите кои не им одговараат. А статиите за т.н. ’бамбочони генерација’ што во превод значи ’генерација на големи бебиња’ излегуваа секојдневно!“
Возрасните контролираат се’!
Креаторот на шеговитото име „големи бебиња“ е италијанскиот 60-годишен министер за државна управа и иновации Ренато Брунета. Тој Казагранда и лицата како неа ги гледа како мрзливи, разгалени млади луѓе и затоа така ги нарекува: „Сакам да предложам закон што ќе ги натера младите луѓе да го напуштат домот со 18 години и да ја прекинат врската со семејството. Бесмислено е да се обвинуваат старите генерации затоа што имаат моќ. Младите мораат да ги земат работите во свои раце, така што ќе го напуштат домот, ќе започнат кариера.... ќе бидат иновативни и ќе држат чекор со трендот во светот. Тие мораат да се изборат за тоа!“
Во меѓувреме издавачот на списанието Марио Адинолфи размислува за темата за следниот број. Седи во канцеларија што е воедно и негов дом. Наоколу се сушат пелени, бидејќи неодамна стана татко. Тој не живее со родителите. Ги напуштил кога имал 18 години.
Автор: Меган Вилијамс / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Жана Ацеска