Времето на Шешељ одамна помина?
14 ноември 2014Шешељ на белградскиот аеродром беше пречекан од неколку стотици приврзеници на Српската радикална партија, со препознатлив фолклор од 90-те години, националистички пароли и навреди на сметка на сегашните власти. Војислав Шешељ во таа прилика најави - основна цел му е „да ги собори од власт предавничките напредњаци“ и така само го потврди она што го рече и по одлуката за привремено ослободување: прво го интересира политичката одмазда, а дури потоа лекувањето.
Власта, од своја страна, тврди дека не се плаши од враќањето на Шешељ, наведувајќи - тој е политичко минато и нема да може да ја загрози српската влада. Најдалеку во предупредувањата изгледа отиде министерот за труд Александар Вулин, според кого пуштањето на Шешељ го „диктирала Америка“ и на тој начин САД преку Шешељ се обидуваат да ја соборат српската влада. Министерот Вулин дури му препорача на премиерот Вучиќ да ги преиспита српските надворешно-политички приоритети.
Премиерот на Србија, по повод враќањето на Шешељ, само го повтори веќе познатиот став, му посака добро здравје и што поскоро опоравување.
Обесмислен процес во Хаг
„По речиси 12 години, мислам дека речиси сите заборавиле зошто Шешељ отиде во Хаг и тоа остава горчлив вкус во устата“, вели за Дојче веле Филип Шварм, одговорен уредник на неделникот „Време“. „Никој всушност веќе не зборува што му се става на товар. Тој се враќа без пресуда, процесот траеше предолго и на крајот стана бесмислен. Она што сега се очекува е каков ќе биде неговиот однос кон некогашните соборци, првенствено кон претседателот Николиќ и премиерот Вучиќ. Поради тоа Шешељ следните денови ќе биде во фокусот, а ние знаеме каков е вокабуларот на Шешељ и какви се неговите јавни истапи“.
Иако првата изјава по враќањето на Шешељ беше дека ќе ја собори власта на Николиќ и Вучиќ, Филип Шварм смета дека тој нема никаква политичка сила тоа да го направи.
„Неговото време одамна помина, а тоа го сфатија и Николиќ и Вучиќ кога ја напуштија таквата политика. Шешељ претставува реликт на минатото, кој веројатно со разни свои изјави и дрзок речник ќе се обиде да го привлече вниманието на јавноста, но тоа нема да има скоро никакво политичко влијание. Можно е радикалите со него на некои избори да го преминат цензусот, но мислам, тоа е максимумот што Шешељ во моментов може да го има“.
Мало политичко влијание
Филип Шварм исто така за несериозни ги смета и изјавите од врвот на српската власт со кои се тврди оти зад пуштањето на Шешељ стојат одделни западни држави во обид да ја дестабилизираат српската влада.
„Тие изјави одат во прилог само на популистичката политика која моментно се води. Секако, Шешељ во медиумите ќе зборува разни непријатни работи за Томислав Николиќ и за Александар Вучиќ, а знаеме, власта е прилично чувствителна на каква било критика и тоа е она со што извесно време ќе се задоволува публиката. Значи, ќе очекуваме што ќе рече Шешељ за нив, некое време тоа ќе биде интересно, но само по себе нема да има никакво политичко влијание“.
„Разочарувачки е што Шешељ во Белград се враќа без пресуда, со оглед што е познато за што е обвинет и што правеше во Хрватска, БиХ, Војводина и во самата Србија“, оценува за Дојче веле Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија.
„Значи, тој во Белград се враќа без никаква морална порака, како жртва на Хашкиот трибунал, како што барем се гледа на тоа во Србија. Од друга страна, имате коментари според кои неговото пуштање е дел од некоја конспиративна одлука на Запад за соборување на српската влада, која и без тоа на дневно ниво пласира такви параноични заговори за загрозеноста на премиерот и владата. Претерано е да се очекува Шешељ нешто да може да направи, зашто пред се‘, се промени контекстот- Србија е на пат кон ЕУ, потпиша договор со Приштина и. т.н. Така, Запад сака што повеќе да го искористи Вучиќ за таа европска опција, а не да ја дестабилизира владата, зашто се знае кој ќе дојде по неа“.
Политика која не води кон доаѓање на власт
Се покажа, со политиката која ја водеше Шешељ сепак не може да се дојде на власт во Србија, забележува Филип Шварм. „Тој можеби донекаде може да ги собере тие сега разбиени мали, десничарски групи, но прашање е колку она што тие го зборуваат и застапуваат може да се артикулира. На минатите избори се покажа дека не може многу“.
Исто така, додава Шварм, ако се погледне политичката биографија на Шешељ, видливо е дека радикалите беа најсилни кога беа блиски до власта, а најслаби тогаш кога беа далеку од власта и тоа на некој начин го дели гласачкото тело на кое би претендирал Шешељ.
„Сега на власт се Вучиќ и Николиќ и оние кога некогаш гласаа за Шешељ, а сега гласаат за нив, ќе им останат верни на Николиќ и Вучиќ“, смета одговорниот уредник на неделникот „Време“.