Во Берлин се отвора Меѓународниот саем за телекомуникации
29 август 2008Годинава на Меѓународниот саем за телекомуникации се’ се врти околу три поима: заштеда на електрична енергија, комфор и стил на производите што се нудат. Во центарот на вниманието и годинава се телевизорите што стануваат се’ потенки и потенки, но за разлика од минатите години кога производителите се натпреваруваа кој ќе понуди подобар квалитет со повисока резолуција на сликата, годинава акцент повеќе се става врз заштедата на енергија и заштитата на климата.
Големи очекувања од новата комбинација на производи
Тоа се однесува и на апаратите за домаќинство, што годинава за прв пат се дел од понудата. Големите коцерни како Сименс, Миле и Бош веќе нудат штедливи апарати, почнувајќи од мултифункционални фрижидери, преку машини за перење и сушење алишта, па се’ до електрични шпорети и машини за кафе.
Ваквата комбинација на производи меѓу апарати за домаќинство и електронски производи од индустријата за информации и забава буди нови надежи за излагачите на Саемот. Тие на оваа тема имаа и исцрпен разговор со канцеларката Ангела Меркел спроти отворањето на Саемот за широката публика. При тоа иако политичарка, Меркел покажа завидни познавања на модерните технички достигања:
„Реков дека прво тоа е логично, во иднина ќе може да се гледа телевизија преку мобилен телефон, од кој истовремено може да се контролира и што се случува во рерната и до каде е стигната машината за перење алишта. Со тоа ќе се отвори потребата по повеќе фитнес програми, но можеби преку истиот мобилен телефон ќе може да се следат и инструкции за вежби за рекреација...“
Секогаш во контакт со пулсот на времето
Во говорот пред претставниците на браншата канцеларката посочи и на димензијата на техничките иновации, што се клучен дел од историјата на Меѓународниот саем за телекомуникации, се’ од основањето во 1924-та година.
„Треба од ова место да станеме свесни дека живееме во неверојатно возбудливо време. Тоа е слично како во времето кога беше пронајдена првата машина за печатење или пак првата парна машина. Станува збор за револуционерни промени, кои сега добиваат нов поттик со комбинацијата на информатичката со комуникациската технолгија преку интернет. Овој саем од почетокот беше и остана и оваа година секогаш во тесен контакт со пулсот на времето!“