Во Берлин промовирана европската година на еднаквост
31 јануари 2007Средбата со преку 500 претставници на политиката, стопанството, синдикатите и невладините организации вчера ја отворија германската министерка за семејни прашања Урсула фон дер Лејен и евро-комесарот за вработување, социјални и прашања на еднаквост, Владимир Шпидла.
На дводневниот самит за прв се наоѓаат на исто место сите водечки актери на полето на борбата против дискриминацијата. Затоа од него се очекува да произлезат и конкретни планови и мерки, со кои ќе се обезбеди не само декларативна, туку и реална еднаквост на шансите за сите граѓани на ЕУ.
Со оглед на стареењето на европското население, не можеме да си дозволиме да не ги исползуваме потенцијалите на до сега запоставуваните општествени групи, како што се постарите лица, жените и мигрантите - апелираше до делегатите министерката за семејни прашања Урсула фон дер Лејен. Демографските трендови покажуваат дека во наредните 45 години стопански активниот дел од вкупното население од 15 до 65 години ќе се намали за 50 милиони.
“Нас во Европа не‘ има се‘ помалку, стануваме во просек се‘ постари и се‘ пошарени“ - нагласи Фон дер Лејен.
Така, иако жените денес се еднакво добро образувани како и мажите, нивните шанси на професионален план се послаби.
“Се‘ уште има нееднаквости: помалку жени на раководечки функции во стопанството и науката, тие добиваат и пониска плата за извршување иста работа. И згрижувањето на децата и постарите лица во голема мера се‘ уште паѓа врз плеќите на жените.“
Освен тоа и сиромаштијата кај децата и постарите лица, се‘ уште има претежно женски лик во Европа.
Еврокомесарот Владимир Шпидла на самитот во Берлин посочи дека еднаквоста на шансите е темелно човеково право. Но, уште има голем број луѓе кои не добиваат можност за потполно развивање на нивните природни таленти поради половата или етничка припадност, поради религозната определба или возраст:
“Европа не може да си дозволи ни од општествен, ниту од економски аспект, да се откаже од овој потенцијал. На европско ниво постои веќе добро законодавство, но тоа треба уште подобро да се примени.“
Евро-комесарот најави дека Комисијата во годината на еднаквоста на шансите ќе поддржи разни проекти со 25 милиони евра. Меѓу другото и за лансирање европска награда за приватни и јавни претпријатија, кои вложуваат вонредни напори за надминување на сите видови дискриминација.