Вложувањето во мигранти - исплатлива инвестиција во иднината
8 март 2014Во една зграда во Диселдорф се собраа стотина граѓани. Очекувањето беше дека ќе ги има повеќе. Граѓаните дојдоа да дискутираат за моментно актуелните прашања: Страв од сиромашните доселеници, за наводната злоупотреба на социјалната заштита и интеграцијата на Ромите. Пред нив беше еврокомесарот за социјални прашања, Ласло Андор. Овој европски политичар ужива углед на разумен и воздржан човек, барем кога се работи за миграцијата на работна сила во Европа. Насобраните стрпливо чекаа да ги постават своите прашања, но прво мораа да ги чујат најважните факти: Општествените разлики меѓу богатите и сиромашните членки на ЕУ растат забрзано, а тоа им погодува на популистите и на евроскептиците.
Искористувани и уценувани
Имигрантите ѝ носат посебна корист на Германија, нагласува еврокомесарот. Имено, висококвалификуваните работници од Романија и од Бугарија уплаќаат во државната каса повеќе отколку што добиваат од неа. Андор притоа се повикува на студијата која во декември ја објави Европската комисија. Според неговите зборови, бројот Романци и Бугари кои доаѓаат во Германија врз основа на лажни документи е многу мал, а таквите луѓе се најчесто жртви на криминалците кои ги искористуваат, тие работат подолго и понапорно отколку законски дозволеното, добиваат помалку пари и живеат во лоши услови.
Уште следниот ден европскиот политичар со премиерката на Северна Рајна Вестфалија, Ханелоре Крафт, отпатува во Дуизбург. За посетата на овој град постои добра причина - тој се наоѓа во индустриската Рурска област, каде со генерации пристигнуваат мигранти. Луѓе од цела Европа и денес доаѓаат во овој дел од Германија во потрага по работа и подобар живот. Во Дуизбург неодамна пристигнаа и околу 600 лица со бугарски и романски пасоши, од кои повеќе од половината се деца. Тие живеат во сиромаштија, речиси не доаѓаат во допир со германскиот јазик, главно не знаат ни да читаат и пишуваат. И многумина од нивните родители немаат доволно познавања на германскиот јазик, или се полуписмени или неквалификувани, поради што имаат мали шанси на пазарот на работна сила.
Сите мораат да соработуваат
Андор и Ханелоре Крафт заеднички ги обиколија проектите за интеграција на имигрантите од Романија и Бугарија зад кои стои ЕК. Зголемениот прилив на доселеници во одделни градови би можел да ги дестабилизира локалните системи за социјална заштита, призна и еврокомесарот Ласло Андор во текот на посетата на Дуизбург. Овој град има добар концепт за борба со вакви проблеми, забележа Ник Војшнек, студент на Институтот затруд и квалификации на Универзитетот Дуизбург- Есен, кој учествуваше во дискусијата. Но, градот нема доволно пари за тоа, истакна тој: „Кој би требало да плати, покраината, германската влада или ЕУ“?
Доселениците се задача за целото општество, истакна Торстен Клуте, државен секретар за интеграција при покраинското министерство за труд.
„Сите расположиви механизми мораат да соработуваат меѓусебно“, вели тој. И Ласло Андор нагласи дека ЕК е подготвена да соработува со државите-членки и да пружи поддршка на локалните и други институции. Тука спаѓа и целосен пристап кон Европскиот социјален фонд, ЕСФ. Досега само мал дел од тие средства е употребен на локално ниво.
„Во Европа е потребна интеграција, вложување и заедништво“
Трошењето пари за доселениците е далеку од злоупотреба на социјалниот систем, дециден е Андор. Тој смета дека тие средства во прв ред се инвестиција во иднината. Стабилните буџети придонесуваат во борбата против сиромаштијата и ја помагаат интеграцијата на малцинствата.
„Во Европа ни е потребна политика на инвестиции, конвергенција и посебно на интеграција“, вели комесарот. Навистина, реформи се неопходни и во земјите од каде што доаѓаат мигрантите. Во сиромашните членки на ЕУ постои голема нерамнотежа меѓу општествените слоеви, сѐ поголем е бројот на сиромашните и многу граѓани ги напуштаат овие држави. Покрај тоа, сиромаштијата ги поттикнува популистичките политичари. Во таква ситуација, за општествените проблеми би можеле да бидат обвинети малцинствата. Тоа е голем ризик, посебно поради изборите за Европскиот парламент, кои ќе се одржат во мај.