Владата оценува дека гасификацијата на Скопје не е под прашалник
10 јуни 2014Портпаролот на македонската влада вели дека „Владата веќе разработува анализи“ за „планираните проекти“. Владата ги правела анализите по повод „најновиот развој на ситуацијата поврзана со одлуките на Бугарија“ за запирање на градбата на „Јужен тек“.
„Според првичните проценки, гасификацијата на Скопје не е доведена во прашање во случај на неможност за реализација на ’Јужен тек’“, рече Ѓорѓиев. Институциите прават дополнителни пресметки со оглед дека, покрај скопската гасификација, има уште два тека за реализација од гасификацијата, од кои едниот за источна Македонија, а другиот за западна Македонија.
„Соодветно внимание се посветува и на Јужен тек и на Трансјадранскиот гасовод ТАП, како битни проекти за долгорочната енергетска иднина на земјата. За ТАП подолго време комуницираме со партнерите, сме имале поголем број контакти, квалитетни и по обем и по суштина, и на овој план работите се одвиваат во добра насока“, изјави Ѓорѓиев.
Покрај овие два проекта, додаде тој, Владата разгледува и други алтернативи за долгорочно снабдување со природен гас за кои се извршени и разговори.