„Владата на Србија да се изведе на чистина за воените злосторства“
25 ноември 2014Пратеникот од Српската напредна партија (СНС) и претседател на Одборoт за Косово и Метохија во српскиот парламент Милован Дрецун изјави дека заменикот-обвинител за воени злосторства Бруно Векариќ е незаконски избран на таа функција, затоа што на тоа место не го поставил парламентот, туку Државниот совет на обвинители (ДВТ). Бруно Векариќ во својот одговор наведе дека тој напад е „потполна глупост“ и дека зад него стојат „лични мотиви“, затоа што Милован Дрецун како воен извествач на Радио Телевизија Србија (РТС) во текот на деведесеттите години на минатиот век е еден од осомничените во предметот „Медиуми“.
Предметот „Медиуми и говор на омраза“ е покренат по кривичната пријава на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) против новинари, уредници и раководители во медиумски куќи кои се осомничени за воено-подбуцнувачко новинарство во времето на воените судири и распадот на СФРЈ. Обвинителството за воени злосторства наведе дека е изложено на закани и дека целиот напад го гледа како политички притисок, додека Милован Дрецун смета дека Oбвинителството со своите постапки се обидува да го спречи во извршувањето на пратеничката работа.
Недолична конфронтација
„Мислам дека реакцијата на Oбвинителството е лоша на повеќе начини“, вели за ДВ Наташа Кандиќ, основач на Фондот за хуманитарно право. „Прво, не е првпат од Oбвинителството да стигнуваат предупредувања дека се изложени на напади, дека им се закануваат. Ако со такви работи излегувате во јавност - дека сте изложени на линч, се поставува прашање каква институција сте, како тогаш ќе ги заштитите сведоците во тие процеси и ќе ги водите тие процеси, ако се плашите од еден Дрецун? Исто така, недолично е Oбвинителството да се впушта во таков вид кавга или конфронтација со Милован Дрецун“, оценува Кандиќ и додава:
„Сите знаеме кој е Дрецун. Знаеме дека е тој екстремист. И сите си го поставуваат прашањето како е можно таква личност, со таков речник, да биде во власта која се декларира за Европа и чии постапки се оценети како добри и од страна на европските институции. Но, таков еден Дрецун успеа да ги повика обвинителите за воени злосторства во парламентот и да ги построи како учител ученици за да му поднесат извештај. А потоа ги постави пред претставниците на српските здруженија на жртвите и семејствата на жртвите, каде обвинителите се правдаа и речиси ветуваа дека ќе подигнат обвиненија против Хашим Тачи и другите претставници на косовската влада, значи се‘ она што не е можно.“
Што е задача на обвинителството?
„Наместо сето тоа, Обвинителството за воени злосторства требаше јасно и отворено да каже што е негова задача“, нагласува Кандиќ. „Задача на обвинителството е да обвинува државјани на Србија кои сториле воени злосторства: офицери, генерали, бивши резервисти, доброволци - кој било, за кого ќе соберат докази дека извршил злосторство. А што се однесува до злосторствата кон Србите, тие би требало да собираат податоци и докази за тоа и да им ги предадат на обвинителствата во регионот - Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Еулекс. И, за да бидат сигурни дека ќе биде отворена постапка по нив, за тоа мора да ја извесат јавноста и јавно да кажат дека сакаат сите да ги процесуираат своите државјани за воени злосторства. Проблемот е во тоа што тие тоа не го прават.“
Личен или став на владата?
Токму тој вид забелешки можеше да се слушне во текот на размената на обвинувања - дека е спорно тоа што српското Oбвинителство за воени злосторства се занимава интензивно со српските злосторства, додека сличните обвинителства во регионот воопшто не се занимаваат во злосторствата на своите граѓани над Србите. Наташа Кандиќ истакнува дека тоа едноставно не е точно и дека, на пример, обвинителството на БиХ има обвиненија и за злосторства над Србите.
Драган Поповиќ, директор на Центарот за практична политика, исто така наведува дека таквото обвинување не е точно, а дури и да е, како што вели, тоа не е никаков аргумент.
„Не можете да не ги гоните луѓето кои се обвинети или осомничени за воени злосторства со квази аргументација дека некој друг не ги гони своите. Секогаш кога ќе се извади тој аргумент се сомневам дека се има на ум да се заштитат луѓето обвинети за воени злосторства, а не да се воспоставува каква било правда“, оценува Поповиќ и подвлекува:
„Прилично е јасно дека владата сака да фрли еден голем, дебел тепих преку неодамнешното минато на Србија, посебно преку воените злосторства. Тоа е и разбирливо, зашто на крајот на краиштата, луѓе кои се денес носители на власта биле вмешани и во војни и во поттикнување на злосторства, а некои и лично биле на боиштата. А кога имате некој кој ќе покрене таков напад, а остатокот на власта за тоа молчи и не го санкционира, се плашам дека е тоа повеќе од јасна порака дека зад тоа стои српската влада.“
Навикнати на газда
„Сега е важно како српската влада да се истера на чистина кога е во прашање нејзиниот однос кон воените злосторства и судењата за воени злосторства“, забележува Наташа Кандиќ. „Поради тоа и Обвинителството за воени злосторства сега е во конфузија. Тие едноставно научиле зад нив да стои кабинет на некој претседател, да ги поддржува Безбедносно-информативната агенција, научиле да имаат некаков газда. Значи тоа воопшто не е назвисен орган. Сега не им е најјасно кој е газда и затоа талкаат и не се во состојба да кажат што е нивна задача“, вели Кандиќ за ДВ.