Велјанов и „Порта Македонија” во Берлин
17 октомври 2008Во црно долго сако, со препознатливата фризура и во придружба на музичари од Македонија, Александар Велјанов синоќа во Берлин го промовираше најновиот албум „Порта Македонија”. По мајка Битолчанец, по татко Германец, Александар израснал под влијание на двете култури и и е добро познат на германската публика.
Препознатливо име и имиџ
Две децении е дел од групата „Дајне Лакајен” и „Порта Македонија” е негов трет соло албум. Создаден е во периодот по 2003-та, кога Александар по долги години со сопругата и ќерката престојуваше во Македонија и како вели „за миг се вратил во детството и младоста“.Таму имал прилика да се сретне со бројните пријатели, меѓу кои и со Горан Трајковски од „Анастасиа” и „Мизар”. Како што се вели, веднаш профункционирале „хемиите”. Се обиделе да работат заеднички. Била создадена една песна, па друга , па третта... Велјанов патувал во повеќе наврати во Македонија и работел со македонските музичари. Така се создаде и најновиот албум. Но, Александар кажува дека не правел се‘ со намера, туку свирката била за своја душа. Важно е што зад него стои комплетно Македонија: од авторите и музичарите во проектот „Велјанов” до продукцијата.
Песните од албумот се испеани на германски и англиски. Инаку, како што вели Александар, снимен е и материјал на македонски и француски. Тој, меѓутоа, не сакал да измеша многу јазици на едно CD. Интересно е уште и тоа дека Александар токму во Македонија за првпат почнал текстовите за песните да ги пишува на германски јазик. Вели, како таму да му се „отворил” патот...
Свирка во некогашниот покриен базен
Концертот се оддржа во Студиото на Адмирал Палас, поранешен базен сместен на третиот кат од Палатата изградена во 1911 година, во чие приземје се наоѓало и лизгалиште. Присутни беа повеќе стотици фанови на Александар и тоа дотерани во карактеристични црни алишта, кожни манитили и елеци, со пирсинзи и тетоважи, кои воодушевени од Александар коментираа дека свирката е одлична. Немаше човек во салата, а на кој не му се допадна најновата работа на Александар и Горан.
„Со оглед на тоа дека сум голема обожавателка на рок музиката и ги следам сите стилови, ми се допаѓа и даркот ... Александар е еден од најпроминентните претставници на овој стил и едвај чекав да го слушнам тука во Берлин” - кажува една Македонка, која беше посебно импресионирана од фактот дека поголемиот процент од публиката беа млади Германци.
Це-дето „Порта Македонија ” ќе биде пуштено во продажба на германскиот пазар по 8-ми наредниот месец. Во февруари, следува и голема турнрја во Германија, Австрија, Швајцарија и други европски земји, а Александар се надева дека ќе има прилика да се претстави и во Македонија и новите држави од поранешна Југославија.