Бугарското долго збогување со 9 септември
9 септември 2014Поуките од она што се случило на 9 септември 1944 година не се докрај дефинирани. Според политикологот Алекс Алексиев и историчарот Михаил Груев, потврда за тоа е носталгијата по „евтините“ времиња на комунизмот, како и различниот однос на политичките партии во државата кон агресијата на Русија врз Украина. „Можно е новиот фронт на Путин во Украина кај бугарската политичка класа да го поттикнува веќе испробаниот рефлекс да се ‘молчи‘ додека не помине бурата. Дали е тоа, меѓутоа, нормален став за држава која има јасна геополитичка ориентација и ангажмани кон своите партнери од ЕУ и НАТО?“, се прашува Михаил Груев.
Политикологот Алекс Алексиев, чиј татко Рајко Алексиев е убиен на садистички начин од страна на комунистите два месеца по превратот на 9 септември заради карикатури на Сталин, гледа поврзаност меѓу она што се случило во 1944 година и она што се случува во 2014 година: „Врската меѓу потпаѓањето на Бугарија под комунистичка власт и неоимперијалистичката политика за повторно раѓање на СССР што ја води Путин можеби не е толку јавна, колку анексијата на Судетите од страна на Хитлер и грабањето на Крим од страна на Путин. Но, во Бугарија слугувањето на руските интереси има долга традиција. Притоа, власта тоа го прави не само од страв да не ги разлути ’русофилите’ во земјата“, тврди Алексиев.
Како би требало да се однесува Бугарија во сегашниот момент?
Алексиев е на мислење дека би било подостоинствено од страна на бугарското раководство ако на Русија јасно и‘ се каже дека Бугарија е лојална членка на ЕУ и се откажува од проекти како „Јужен поток“, кој не е во согласност со барањата на европската енергетска инфраструктура. „Наместо тоа, сите големи бугарски партии му даваат поддршка на проектот Јужен поток и се против санкциите на Западот против Русија. Бугарија не може да е членка на ЕУ и во исто време да се однесува како да не е дел од заедницата. Ваквото поведение порано или подоцна ќе доведе до национална катастрофа“, категоричен е Алекс Алексиев и додава:
„Во Бугарија никогаш немало сериозни инвестиции од Русија. Во исто време, бегањето на западните инвеститори од бугарската економија во голем степен се должи на нивното убедување дека политиката на државата е ’проруска’, во полза на неоимперијализмот на Путин и неговото опкружување“, оценува Алексиев.
Лекциите од историјата
Историчарот Михаил Груев вели дека една од големите „бели дамки“ во изучувањето на превратот од 9. септември 1944 година е улогата на советските тајни служби како синхронизатор на дејствата на учесниците во превратот во Софија и окупацијата од страна на Црвената армија: „Причина е што бугарските историчари досега немаат пристап до советските архиви (а бугарските архиви од тоа време се однесени од страна на Црвената армија како воен трофеј и не се вратени во Софија и покрај ветувањето на Путин дадено во 2008 година дека тоа ќе се случи наскоро, з.а.). Обработувањето на настаните од пред 70 години е еден од најголемите предизвици за денешното бугарско општество. Според мое мислење, ова прашање ќе добие одговор дури откако ќе се случи смена на генерациите“, посочува Груев.
Политикологот Алекс Алексиев е на мислење дека Бугарија има извлечено извесни поуки од настаните од 9.09.1944 година, но дека тоа не е доволно. „И денес во државата се‘ уште нема ’критична маса’ неопходна за прифаќањето на демократска Европа, НАТО и пазарната економија како единствен и непобитен избор на сојузници и цели за достигнување. Гледате како се однесуваат народите од балтичките земји кои беа непосредно угентувани од руската империја и СССР. Ние, Бугарите, се‘ уште не сме сигурни каде одиме. Ако таа поделеност продолжи, сигурно ќе се случи ’паѓање меѓу две столчиња’“, заклучува Алексиев.