Бугарија „скришно“ ја проширува ЕУ
4 ноември 2010Вака звучи кога сонот за „ветената земја Европа“ тукуречи се исполнил. Полицаец стои среде Софија пред портите на бугарското Министерството за внатрешни работи и ги чита на глас имињата на оние кои можат да влезат внатре на последна проверка. Стотина луѓе стуткани од студ и во напната тишина се обидуваат да го чујат своето име.
„За подобра перспектива го правам ова“, вели Сашо, кој има 24 години и е Македонец. Неговата права татковина е кандидат за членство во ЕУ, но никој не може да каже кога земјата ќе стигне до полноправно членство. Тој не сака да чека, туку сака сега да започне нов живот во ЕУ и портите кон „рајот“ водат токму преку вратата зад полицаецот во центарот на Софија. Тој спаѓа меѓу среќниците кои се повикани на разговор во Министерството за внатрешни работи, каде надлежните службеници ќе го испрашаат и врз основа на разговорот ќе решат дали ќе добие бугарско државјанство или не.
„Строги критериуми“
„Ако не зборува бугарски и ако згора на тоа има и лажен извод од матична книга на родени, тогаш секако дека неговото барање за државјанство ќе биде одбиено“, вели бугарскиот министер задолжен за сограѓаните во дијаспората, Божидар Димитров.
Тој во моментов има многу работа за да ги увери европските колеги дека нема потреба од загриженост. Во Париз, Берлин и Виена имено се’ почесто се слушаат критики на сметка на официјална Софија дека премногу лесно дели државјанства. Проблемот е во тоа што сите бугарски граѓани на среден рок ќе добијат право не само да живеат, туку и да работат во која и да е земја од ЕУ. „Постојано нагласувам дека станува збор за многу мал број на луѓе, кои во никој случај нема да ги оптоварат социјалните ситеми во земјите на ЕУ, од што земјите членки најмногу стравуваат“, нагласува Димитров.
Обвинувања во печатот
На неговите изјави не им веруваат весниците во Европа. Тие пишуваат за „прикриено проширување на ЕУ“, за доселување на стотици илјади, па дури и милиони нови граѓани на ЕУ, со сите права што им припаѓаат како такви. Министерот Димитров се лути на пример за една статија во британскиот весник „Дејли мејл“, во која станува збор за 80.000 нови бугарски државјани само минатата година. Во реалност станува збор само за 60.000 и тоа во последните 10 години, нагласува тој.
Но, бројките што ги посочува министерот Димитров не предизвикуваат голема доверба кај Европејците. Проблем се на пример т.н. „Бесарабиски Бугари“, кои доаѓаат од Молдавија и Украина. Нивните предци наводно заминале кон север во 18 и 19 век, бегајќи од Османлискиот режим. И ним Димитров им дава право да побараат бугарски пасош. Но, вкупниот број никој не може да го открие, па ни министерот. Тој пред неколку дена изјави дека само во Молдавија има околу 250.000 такви Бугари. Сега тврди дека станува збор само за 90.000. Тој посочува на долгите списоци на неговата работна маса, на кои не пишува од каде потекнуваат, поради што не може да се докаже ни нивната веродостојност. Димитров и во овој случај тврди дека бугарските власти се многу строги, дека патуваат во селата на барателите на бугарско државјанство, дека таму се уверуваат во потеклото и во познавањето на бугарскиот јазик.
Автор: Ахим Вендлер/ Горан Чутаноски
Редактор: Александра Трајковска