Бугарија оди на предвремени избори
17 јуни 2014Владејачката коалиција во петокот го преживеа петото гласање на доверба во бугарскиот парламент. И покрај тоа, се очекува таа наскоро да си поднесе оставка, откако резултатите на изборите во мај за Европскиот парламент покажаа дека владејачките социјалисти немаат поддршка меѓу народот. Сега се очекува премиерот Пламен Орешански да поднесе оставка. Тој дојде на власт по изборите во мај 2013 година и откако направи коалиција меѓу Социјалистичката партија и Движењето за права и слободи на етничките Турци.
Одлуката за одржување на предвремените избори беше донесена по четири часа разговори. Согласност за неа дадоа сите главни политички партии во Бугарија. Точниот ден на одржување на предвремените избори ќе биде договорен во следните денови, по што Плевнелиев ќе го распушти парламентот.
Аналитичарите очекуваат дека централно-десничарската опозициска партија ГЕРБ ќе победи на предвремените избори, но оти сепак на крајот ќе се помачи да состави стабилна владина коалиција.
Новата бугарска влада ќе мора да оди како по оптегнато јаже, кога станува збор за иднината на рускиот гасовод „Јужен тек“, чија градба ја стави Бугарија во средина на спорот меѓу Москва и ЕУ. Социјалистите ја поддржаа исградбата на гасоводот, што го налути Брисел, кој оцени дека со тоа се кршат правилата на ЕУ.