Бугарија и Романија под мониторинг на Брисел?!
29 октомври 2009Она од што повеќемина стравуваа, се чини дека навистина се случи. До пред приемот во ЕУ, на 1 јануари 2007 година, политичката амбиција на Бугарија и Романија да се покажат подготвени за реформи и консеквентни во нивната изведба беше голема и во двете земји. Меѓутоа, подоцна многу нешта од овој полет исчезнаa и наместо тоа, се чини дека тркалото на историјата почнува да се врти наназад.
Пропаднаа обидите за реформи во Романија
На пример Романија: кратко до пред приемот во европското семејство изгледаше дека правосудството ќе се реформира по европски стандард. Одговорната министерка Моника Маковеј го преуреди до тогаш корумпираниот систем според стандардите на ЕУ. Беа именувани нови политички независни судии и јавни обвинители. Меѓутоа, тукушто Романија застана со двете нозе во ЕУ угледната министерка беше отпуштена и волјата за реформи згасна. Кристи Данилетс, еден од тогаш новоименуваните судии во општинскиот суд Клаусенбургер е видно разочаран. Тој критикува дека од 2007 година сите реформи во правосудството се блокирани. Има дури и назадување. Политичката класа се исплаши дека судиите и јавните обвинители сега самостојно ќе одлучуваат. Така пред судовите би биле изнесувани случаи во кои се инволвирани корумпирани пратеници и министри. Затоа тие сега се обидуваат правосудството повторно да го стават под своја контрола, раскажува ангажираниот судија.
Правосудниот систем во Бугарија не работи во интерес на граѓаните
Состојбата во Бугарија не е ништо подобра. И покрај тоа што Европската комисија во нејзиниот последен извештај за напредокот на реформите во земјата заклучува дека напорите за подобрување на правосудството и сузбивање на корупцијата се подобрени во однос на предходната година. Но, за жал тие имаат многу ограничени влијанија. Оценка со која се сложува и Антоанела Приматарова, директорка на реномираниот центар за либерални студии во Софија:
„Не верувам дека бугарскиот правосуден систем денес функционира во полза на бугарските граѓани, a не функционира ниту по стандарди на Европската унија. Има судски процеси против организираниот криминал, што веќе со години се влечат. Значи, нам ни предстои уште долг пат.“
Најрано до идната година Европската комисија строго ќе ги набљудува и доколку е потребно ќе воведе и соодветни санкции пртоив двете земји. Бугарија тоа веќе еднаш можеше да го почувствува. Минатата година беа стопирани повеќе милиони евра од средствата за помош за Софија.
Автор: Јерг Паас / Бисера Огњановска - Митров
Редактор: Жана Ацеска