Бугарија и Романија не се зрели за Шенген-клубот
22 декември 2010Франција и Германија одлучија да го блокираат барањето на Романија и Бугарија за приклучување кон 25-члениот европски Шенген клуб во текот на следната година. Министрите за внатрешни работи во Париз и Берлин, Брис Хортефо и Томас Де Мезие во заедничко писмо до европската комесарка за внатрешни работи Сесилија Малстром изразија загриженост во однос на способноста на Букурешт и Софија да излезат на крај со корупцијата и криминалот. Се бара одложување на одлуката се’ додека двете земји не ги засилат капацитетите во областа на правосудството и јавната админстрација.
„Недостатоците ќе имаат сериозни последици врз внатрешната безбедност на ЕУ и на поединечните земји-членки“, се наведува во заедничкото писмо на францускиот и германскиот министер.
Во Унијата веќе подолго време постои загриженост поради неспособноста на двете најмлади земји-членки на ЕУ да се справат со трговијата на луѓе и дрога од истокот кон Западна Европа.
Романците лути, Бугарите дополнително ќе работат
Во двете престолнини реакциите беа различни. Романскиот претседател Трајан Басеску ја осуди француско-германската блокада како дискриминаторска.
„Нема да прифатиме дискриминација од никого, па ни од најмоќните европски држави“, изјави Басеску.
Во Бугарија пак, министерството за надворешни работи соопшти дека земјата ќе ги удвои своите напори за да ги задоволи строгите критериуми.
„Свесни сме дека политичката состојба во некои држави е компликувана. Од таа причина, ќе сториме се’ за да ги отфрлиме сите сомнежи во посочените области“, соопшти министерството.
Министерот за внатрешни работи Цветан Цветанов соопшти дека Софија нема да ја менува концепцијата за спроведување на критериумите. Според него, Европската комисија сака да види резултати во борбата против организираниот криминал, и во тој поглед клучна е посетата на комесарката Малстром во февруари следната година.
„Според мене, многу е важно каква ќе биде нејзината оценка во однос на напредокот“, рече Цветанов.
Околу 400 милиони луѓе од 22 земји-членки на Унијата, плус Исланд, Швајцарија и Норвешка, слободно се движат низ Шенген зоната. Одлуката за прием во зоната едногласно ја носат сите нејзини членки. Анонимни европски дипломати за агенцијата Франс Прес денеска изјавија дека безбедносните проблеми на Романија и Бугарија свесно биле прикривани за време на преговорите со двете земји кои станаа членки во 2007-та.
Автор: БГ/ГЧ/афп/ројтерс
Редактор: Жана Ацеска