Бугарија: беспомошност и безнадежност
5 октомври 2014Бугарите се неславен ЕУ-рекордер во повеќе дисциплини: Бугарија е најсиромашната ЕУ-држава со најнискиот брутодомашен производ, земја со највисока стапка на перцепција на корупција, а според студијата на Галуп од 2012 година - и со најнесреќно население. Моментно постојат малку укажувања за скоро подобрување на состојбата, смета економскиот експерт Георги Ангелов.
„Политичката криза трае непрекинато веќе две години. Таа негативно се одразува врз економијата и инвестициите“.
Руско-украинската криза, поплавите од летото 2014 година, растечкиот државен дефицит, како и дестабилизирањето на банките, дополнително ја влошуваат ситуацијата.
„Се‘ на се‘, предизвиците за идната влада се огромни“, вели Ангелов.
Тешка појдовна ситуација
Од аспект на руско-украинскиот конфликт, многумина Бугари стравуваат од студена зима, зашто Бугарија е речиси комплетно зависна од рускиот гас. Затоа, некои очекуваат и нови улични протести. Последните анкети покажуваат - 70 проценти од Бугарите се песимисти во однос на новата влада, а над половината не очекуваат пресврт кон позитивно. И економскиот експерт Красен Станчев е скептичен:
„Очекувам дури влошување во економската и фискалната политика, зашто во изборната кампања се слушаат многу популистички ветувања“.
Малку повеќе оптимизам покажува политикологот Георги Ганев. Според него, за овие избори поимот „промени“ би бил претеран, но „ако по изборите добиеме стабилна влада со јасно дефинирани тежишта, тоа би можело да води кон смирување на моментно турбулентната деловна клима“.
Популизам во изборните програми
Но, каква политика вистински ќе биде применета по изборите, тешко може да се одгатне од изборните програми на партиите. За политикологот Даниел Смилов партиските програми во Бугарија се единствено изборна козметика, која ниеден политичар не ја сфаќа сериозно и не би ја читал ниеден гласач.
„Но, истовремено посебно национал-популистичките кандидати се натпреваруваат во предлози од сферата на фантазијата, како подржавување на снабдувачите со енергија или итни мерки за отворање два милиона работни места“, вели Смилов.
Најомилени теми на популистите се поевтина енергија, подобра даночна политика и тешко остварливи медицински услуги. Притоа, тука речиси нема простор за маневрирање, предупредуваат експертите. Зашто, цените на енергијата во Бугарија сега се најниски во ЕУ, рамниот данок од десет проценти не може натамошно да се намалува, прераспределбата на даночниот товар би го загушила стопанството, а во здравството владеат корупција и недостиг од пари, од што крајно страда масата на сиромашни пациенти.
Корупцијата го подрива општеството
Професорот политиколог Евгени Даинов во корупцијата гледа сериозна опасност по државата:
„Единственото решение е повторно изградување на институциите на државата, кои сега се заложник на приватни интереси“.
Правниот експерт Тихомир Безлов неодамна констатираше највисоко ниво на мито во Бугарија, плаќано на државни службеници, од 2000 година наваму. Неговиот колега Тодор Јаламов тврди дури дека подмитувањето во јавниот сектор е удвоено од 2009 година. Олигархиските структури, кои владеат со земјата, тотално ја уништија довербата на граѓаните во институциите, вели Јаламов:
„Бугарија мора да одговори на судбинско прашање: дали ќе остане на патот на олигархиско општество, по примерот на Русија, или ќе се развива европски“, вели Даинов, кој сепак е оптимист, „зашто масовните протести против олигархијата досега покажаа ефекти“.
Реформски застој во судството и проблеми со криминалитетот
Друг голем проблем е високиот криминалитет во земјата. По приемот на Бугарија во ЕУ, стапката на криминал на почеток почна да паѓа. За Тодор Јаламов тоа има објаснување: откако Бугарија стана членка на ЕУ, организираниот криминал, како и ситните криминалци делумно се ориенираа кон Запад. Но, во последните години трендот е обратен, од една страна поради кризата, од друга страна поради подобреното сузбивање на криминалот во државите од Унијата. Јаламов причините за проблемот со криминалот ги гледа во реформскиот застој во судството и во полицијата:
„Бугарија е водечка во однос на бројот полицајци по глава на жител, но на улица нив слабо ги гледате. Затоа, пак, администрацијата нарасна над сите граници“.
Контролните механизми на ЕУ одредено време вршеа притисок врз бугарската влада да преземе барем некои чекори во реформата во судството, но тие веќе не се ефикасни, вели Јаламов.
„По приемот во ЕУ, опадна значењето на овие контролни инстанци. Бугарските политичари, имено, констатираа - критиката од Брисел нема веќе никакво практично дејство. Одвреме-навреме доаѓа до стопирање на парите од ЕУ, но ништо повеќе“.
Изборното расположение во Бугарија генерално е под печат на чувството на безизлезност. Последните анкети на јавното мислење навестуваат сигурна победа на партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Може да се очекува коалициска влада со помалиот десно-либерален Реформски блок. Досегашната владејачка Социјалистичка партија БСП, и ДПС, Партија на турското малцинство, веројатно ќе завршат во опоозициските клупи.