Борба за превласт во српската полиција
3 јули 2014Со одлука на премиерот Александар Вучиќ во српската полиција е изведена незапаметена смена на дури пет началници. Единствен кој остана на функцијата е директорот на полицијата Милорад Вељовиќ. Официјално објаснување за тој потег е незадоволството на политичкиот врв со резултатите на полицијата во борбата против нарко-картелите во Србија. Како лидер на тој картел се наведува Драгослав Космајац, кој досега никогаш не бил уапсен.
Смените во полицијата предизвикаа нови политички кавги и доведоа до меѓусебни обвинувања на политичките актери. Поранешната власт наведува дека одговорноста за лошата состојба ја сноси и довчерашниот министер Ивица Дачиќ и дека полицискиот врв имал и политичка заштита, но тој возвраќа дека немало доволно политичка волја за промени во полицијата за време на неговиот мандат.
На другата страна постојат тврдења дека овие смени се историски настани за Србија, иако останува дилемата што е идејата зад нив: желба за реформа во полицијата или начин да се протуркаат партиски кадри од владејачката Српска народна странка во неа?
„Проблемот во овие смени е што ние не знаеме зошто се случија“, вели за Дојче веле одговорниот уредник на неделникот „Време“, Филип Шварм. Слушнавме дека тие началници работеле добро, дури беа и пофалени и наградени на Денот на полицијата, а потоа беа сменети. Најлошото би било доколку полицијата на тој начин се политизира, началниците да се сменети од политички причини и сега на нивно место да се доведат луѓе блиски до актуелната власт, смета Шварм.
Сѐ зависи од премиерот
Поранешниот ко-министер за полиција Божо Прелевиќ смета дека „е интересно тоа што за смените во полицијата одлучувал премиерот Вучиќ, а не министерот или директорот на полицијата. „Од друга страна интересен е и тајмингот на случувањата, во време на сведочење на нарко-босот Дарко Шариќ во Специјалниот суд, во кое тој се обидува да им се одмазди на оние луѓе кои против него ја воделе постапката“, смета Прелевиќ.
Тој го критикува и начинот на кој се изведени смените и го смета за дезавуирање на институциите. „Сега може да се постави и прашањето дали во Србија сѐ зависи од премиерот, па доколку сте во добри односи со него ќе бидете заштитени. Во Србија, генерално, премногу се потпираме на таа фамозна политичка волја“, вели Прелевиќ.
Јавноста и експертите сепак беа по малку збунети поради останувањето на функцијата на директорот на полицијата Милорад Вељовиќ. „Сметам дека не е точно да се каже дека директорот на полицијата е причината за проблемите. Неговата смена би ја обезглавило полицијата и поради тоа тој ја задржа функцијата. Очигледно е дека полицијата ја потресуваат бројни афери, и дека таму постојат фракции кои се борат меѓу себе“, смета Шварм.
Очигледно е дека и во власта постојат неколку центри на моќ, додава тој, кои преку полицијата се борат меѓу себе. Токму тука треба да се бараат причините за смените, заклучува аналитичарот.