Берлин подготвен да го пречека Холивуд
31 јануари 2008Атмосферата на Берлиналето веќе десетина дена се чувствува на улиците на престолнината. Тие се преплавени од црвено-белите фестивалски плакати. Но, годинашново 58-мо издание по многу нешта се разликува од поранешните.
Премиерен настап на македонскиот филм
Прво да ја издвоиме македонската презентација, која годинава ќе има своја премиера. „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска Стругар доби место во категоријата Панорама и во текот на десетте фестивалски дена ќе има дури пет проекции.
Новина е и штандот на македонските филмаџии на Европскиот маркет, каде ќе биде презентирано се што е продуцирано во последниве неколку години, а стручната публика ќе има мопжност да види и дел од филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски.
Музичко Берлинале
За разлика од минатите години кога тематски во селектираните филмови доминираше политиката, годинава е поинаку.
Ова го најавува и отворањето на Фестивалот со филмот на Мартин Скорсезе посветен на Ролинг Стонсите. „Ова ќе биде еден вид музичко Берлинале. Музички филмови ќе има не само во главната, туку и во останатите конкуренции. Не само на отворањето, туку и во текот на целиот Фестивал ќе дојдат многу поп икони меѓу кои Мадона, Нил Јанг, Пети Смит...“ - најави на прес конференција првиот човек на Берлиналето, Дитер Кослик.
Ренесанса на документарецот
Вториот столб на годинешниот фестивал е документарниот филм. Го има во сите категории и за пртвпат во историјата на Берлиналето два документарци се во главната конкуренција: американскиот „Стандардна оперативна постапка“ на Ерол Морис за малтретирањата во затворот Абу Граиб и бразилскиот „Елитен одред“ на Жозе Падилха за корумпираноста на воената полиција.
Германија на златната и сребрените мечки годинава ќе атакува со две остварувања на режисерите Дорис Дори и Луиџи Фалорбни, а е присутна во вкупно 80 копродукции, за што Кослик ги отфрла забелешките дека земјата не е доволно застапена. Двата филма според него се доволни. Германскиот филм е добар. Тоа е веќе потврдивме и сега може да се „олабави“.
Инаку, тематски годинашниот фестивал се занимава и со 40 годишнината од оддржувањето на Конгресот за Виетнам во Берлин и 60 годишнината од постоењето на Израел, поради што се присутни филмови кои ја третираат оваа проблематика. Како и секоја година, така и оваа во текот на десетте дена се очекува безмалку цел Холивуд да стапне на црвениот тепих како и првата гарнитура на рок ѕвезди меѓу кои вечните Ролинг Стонси, Мадона, Пенелопе Круз, Скарлет Јохансон, Џон Малкович, Бен Кингсли.. Во македонската екипа се Теона и Лабина Митевски, Ана Костовска, Николина Кујача и Џевдет Јашари.