Берлин: добра инцијатива ама треба уште да се работи
1 јуни 2007Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека иницијативата на американскиот претседател Џорџ Буш може да биде основа врз која може понатаму да се работи. Според Меркел веќе никој не може да го игнорира прашањето поврзано со промената на климата.
“Што се однесува до конкретните формулации кои треба да произлезат од Хајлигендам, ќе мора да работиме уште малку, бидејќи пред се за мене, за нас, најважно е целата работа да помине низ процес на ОН.”
Слично мислење има и германскиот министер за животна средина Зигмар Габриел.
“Не смееме да дозволиме да дојде до тоа, практично да имаме договор меѓу поедини земји, без да се постават јасни цели, без да се провери дали се тие и одржливи”
За германските зелени, во предлогот на Буш нема јасно поставени цели кои треба да се исполнат. Претставничката на германските зелени Ренате Кинаст коментира:
“Ова звучи исто како да се каже: не ви верувам на Г8, не и верувам ниту на Ангела Меркел, си верувам само себе си како на претседател на САД и за време на мојот мандат ќе си се спасам, а до тогаш нема ништо да се случи. Тоа е навистина груб маневар.”
Претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо исто така ја критикуваше иницијативата на Буш како незадоволителна. "САД како најголем загадувач на животната средина имаат посебна одговорност во заштитата на климата", изјави Барозо.