Берлин: Веројатно спречен терористички напад
8 септември 2011Двете лица се уапсени денеска (08.09) по повеќемесечна истрага, соопшти полицијата. 24-годишниот Германец, со либанско потекло и неговиот 28-годишен соучесник, чија националност не е соопштена, но се знае дека доаѓа од Појасот Газа, подготвувале „тешко насилничко дело кое би ја загрозило државата“, соопшти обвинителството.
Двајцата уапсени се среќавале редовно во Исламскиот културен центар за верски прашања (џамијата Ал Рахман). При рацијата на полицијата, претрес, покрај становите во кои живееле уапсените, е направен и во Исламскиот центар кој се наоѓа во берлинскиот кварт Вединг. Портпарол на полицијата изјави дека уапсените се снабдиле со хемиски супстанци, со кои е можно да се состави бомба.
Според информации на „Моргенпост онлајн“, истрагата трае повеќе од два месеца. До осомничените се дошло преку информации на фирмите од коишто биле порачувани хемиските супстанци. На фирмите со седишта во Берлин и во Баден-Виртемберг сомнителни им биле количествата што биле нарачани. „Тагесшпигел“ пишува дека по таквите укажувања од страна на фирмите, полицијата основала група која ги набљудувала осомничените 24 часа на ден.
Полицискиот синдикат, по апсењето во Берлин, денеска оцени дека е тоа јасен знак оти опасноста од тероризам во Германија е и натаму голема. „Кој смета дека десет години по ужасните напади во САД и смртта на Осама бин Ладен состојбата се нормализирала, сега се увери во спротивното“, изјави претседателот на синдикатот, Бернард Витхаут.
Политичарот на Христијанско-демократската унија Волфганг Бозбах, задолжен за внатрешно-политички прашања, изјави дека по апсењето денеска безбедносната состојба во Германија не е променета темелно и дека опасноста што се заканува од тероризмот е „и натаму загрижувачка“. Германија е постојано наведувана како можна цел на напади, но како што вели Бозбах, „нема место за паника“.
Автор: ЕМФ/ЖА/дпа/дапд/афп
Редактор: Симе Недевски