Берлин бара итно ослободување на соработниците на БНД
28 ноември 2008Портпаролот на владата во Берлин, Томас Штег претпладнево испрати јасна порака до косовските власти. Кабинетот на канцеларката Ангела Меркел бара итно да се ослободат тројцата соработници на тајната служба БНД, кои се затворени. Штег нагласи дека ова се надоврзува на ставот на контролното тело на Бундестагот, кое закључи дека тројцата Германци се држат затворени и покрај тоа што нема докази дека тие учествувале во нападот врз канцеларијата на ЕУ во Приштина. Во меѓувреме, одговорноста за нападот врз канцеларијата на ЕУ ја презеде досега непознатата група „Армија на Република Косово“
Парламентарците бараат дополнителни информации
Инаку за прашањето со уапсените Германци на Косово, синоќа се занимаваше парламентарната комисија за надзор на тајните служби. Состанокот наместо одговори, донесе нови прашања. Високите претставници на владата и на тајната служба БНД, ги информираа парламентарците дека уапсените биле соработници на БНД.
Но, тричасовното заседание зад затворени врати не донесе одговор, дали тројцата Германци - како што тврди Приштина - биле вмешани во бомбашкиот напад врз седиштето на ЕУ и шпионирале. Расчистена е само една дилема. Владата првпат од обелоденувањето на аферата призна дека тројцата уапсени се навистина германски разузнавачи. „Тие се агенти на БНД, Секако дека ни се потребни разузнавачки методи за да дојдеме до информации кои се важни за безбедноста на нашите 2.500 војници кои се дел од меѓународната мировна мисија на Косово“, изјави по седницата претседателот на парламентарната комисија, социјалдемократот Томас Оперман.
Но, тој не сакаше да каже други детали за конкретните задачи кои ги имале тројцата агенти. Само додаде дека од опширниот извештај на владата и на БНД не можело да се разбере дали тројцата Германци на некој начин се вмешани во нападот што се случи во Приштина.
Пратениците бараат дополнителни информации
Членот во комисијата од партијата на Левицата, Волфганг Нешковиќ, смета дека дека состанокот бил беспредметен. „Се што слушнавме овде владата слободно можеше да си го објави. Ова беше непотребна претстава,“ рече Нешковиќ. Според него се уште е нејасно што се случувало на Косово, а комисијата со информациите коишто ги добила, не можела да расветли ниту едно од обвиненијата коишто се појавија во јавноста.
Слични реакции имаше и од претставниците на Зелените и Либералите. Пратениците од овие партии бараат од владата дополнителни информации за случајот. Покрај ова, членовите на комисијата се согласни во едно - дека косовските власти треба веднаш да ги ослободат приведените агенти.
„Тројцата германски државјани веќе девет дена се во затвор без да ни бидат претставени докази за нивната вина. Тоа значи дека со нив се постапува спротивно на начелата на правната држава и оттука бараме нивно итно ослободување,“ порача Оперман. Ниту тој, ниту неговите колеги не можеа да ги потврдат медиумските информации дека агентите на БНД може уште во текот на денов да бидат вратени во Германија.