Берба во бугарската долина на розите
30 јуни 2014Привршува времето на берба во бугарската долина на розите. Од рано наутро Антон Насков секој ден беше на полето со другите берачи на цветовите, од кои се добива скапоценото масло од роза.
„Работам како градежник, но ниедна година не сакам да ја пропуштам бербата на рози. Му помагам на семејството. Задоволен сум од работата, оти обезбедува добра заработувачка, а и храната е добра“, вели берачот на рози Насков.
Во еден од најсиромашните региони во Европа, бербата е важна можност за дополнителна заработувачка за околу 40.000 луѓе. Наполнетите вреќи ги мерат во собирниот пункт и ги носат директно во блиската дестилерија. И овде се забележува трендот дека потрошувачите се’ повеќе внимаваат на транспарентноста.
„Во споредба со минатите години, тие доаѓаат се’ почесто, со цел да го проверат нашето производство - како работиме, дали користиме фер трговски практики. Тие не се грижат само за квалитетот на производот што го добиваат, туку и како го произведуваме маслото од роза“, објаснува Филип Лисичаров од дестилеријата на масло од роза „Енио Бончев“.
Околу четири тони ливчиња од роза се потребни за преку повеќе процеси на дестилација да се добие еден килограм чисто масло, кое достигнува цена и до седум илјади евра.