Барања Грција да си ги исполни обврските
5 септември 2011По извештаите за проблеми при реформите и напорите за штедење, политичари на Унијата и на ФДП побараа од владата во Атина да си ги исполни обврските. Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле изјави дека очекува оти Грција вистински ќе си ја заврши домашната задача во делот на реформите. Тој за весникот „Бонер Анцајгер“ изјави дека она што се брои се единствено делата. Сличен е ставот и на генералниот секретар на ФДП, Кристијан Линднер, кој изјави дека договореното мора да се реализира. Пратеникот на ЦДУ, Волфганг Бозбах, пак, е со став дека Грција мора да размисли дали сака да остане во еврозоната, со оглед на тоа што финансирањето не може да го оствари врз основа на сопствените сили на долг период. Германската министерка за труд и заменик-претседател на ЦДУ, Урсула фон дер Лајен побара врз Грција и другите држави-должнички да биде извршен поголем притисок за санирање на буџетот. За совладување на должничката спирала потребна е долгогодишна дисциплина, како и непопуларни мерки, но неопходни за долготрајно одржување на курсот на штедење, изјави министерката за весникот „Фајненшл тајмс Дојчланд“.
Автор: ЕМФ/ЖА/дв/дпа
Редактор: Симе Недевски