Бан во Берлин
16 јули 2008На едночасовниот разговор на канцеларката Ангела Меркел и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун стана збор за голем број горливи проблеми во светот, од состојбата на Блиски Исток, преку Авганистан, Африка па се’ до Мијанмар. Канцеларката упати пофалби за конструктивната улога на генерланиот секретар во кризните региони, кој исто така возврати со пофалба „Се радувам што сум во Берлин. Како што знаете Германија секогаш е силен партнер на ОН. Многу ја ценам вашата соработка“ рече Бан.
И двајцата политичари реагираа воздржано на налогот за апсење на суданскиот претседател ал Башир од страна на Меѓународниот кривичен суд. Меркел притоа опомена да се респектира независноста на судот „Сите се обврзавме да соработуваме со меѓународниот кривичен суд. Овој суд агира независно и значењето на судот треба да го засилиме со тоа што нема да ја ставаме под знак прашање неговата работа.“ порача Меркел.
Генералниот секретар на ОН во понеделникот го оцени налогот за апсење на Башир како проблем за мировните напори на ОН, но во Берлин и тој ја подвлече независноста на судот. „Јасно ја изнесов позицијата на ОН. Меѓународниот кривичен суд е независен правен орган. Оттука треба да се респектираат неговите одлуки.“ рече Бан.
Генералниот секретар на ОН ја завршува својата дводневна посета на Германија со посета на седиштето на ОН во Бон.